Единствените кои се вработуваат се партиските војници на власта, притоа рушејќи ги сите креитериуми, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната објава на министерската Мила Царовска за бројот на вработувања во  Министерството за труд и социјала.

– Додека Царовска се фали на прес конференции, нејзиниот колега Тевдовски прави незаконски вработувања на 6.000 партиски војници. Повторуваме 6.000 партиски војници кои ќе бидат на државна сметка. Има еден критериум, а тоа е да се има членска книшка на СДСМ. Масовна корупција во очи на референдумот, се вели во соопштението од опозициската партија.

И додека ова се случува, се додава натаму, Владата молчи, но и сите други субјекти на јавноста под контрола на власта.

– Скандал од невидени размери. И притоа мора да има кривична одговорност и за министерот за финансии, бидејќи дал согласност за вработувања, а истите не се предвидени согласно годишните планови. Што се однесува до младите тие се оставени на цедило од Владата и на работ на егзистенција. Со образование кое е на дното, со систем корумпиран во невидени размери младите единствениот спас го наоѓаат надвор од оваа земја. Затоа СДСМ мора да одговара, се наведува во соопштението.

Претходно на прес-конференција министерската Царовска соопшти дека во центрите за социјална работа биле вработени околу 200 лица, затоа што, рече, досега имало систем во кој 50 проценти од вкупниот број вработени во центрите бил нестручен кадар – средно стручен или неквалификуван за социјална работа и социјална заштита.

– Тоа ќе продолжи како тенденција, не заради референдумот, туку затоа што сега е време системот за социјална заштита и детска заштита да се исправи на нозе и вработуваме квалитетен кадар кој останал во Македонија, истакна Царовска.

Во врска со барањето на Првата детска амбасада „Меѓаши“ да се постави видеонадзор во градинките, Царовска одговори дека тоа треба да биде иницијатива на родителите кои треба да се обратат до Дирекцијата за заштита на лични податоци, а таквата мерка ја смета како контроверзна.

На прашањето колку од буџетот и од кои ставки МТСП  ќе одвои за кампања за референдумот, министерката одговори дека Владата прави анализи за буџетските можности во целост и во претстојната седмица ќе ги соопшти податоците.