Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната пресконференција рече дека јавното обвинителство за гонење на дела од областа на организиран криминал не смее да фингира истраги и да биде главен режисер во фарсата која што ја гледа јавноста деновиве, која наликува на се освен на борба против криминалот на власта.

-Дали сме сведоци дека деновиве криминалниот картел се обиде да украде цели 45 милиони евра преку Министерството за здравство и Фондот за иновации? Наместо да бидат оставени да ги прикриваат трагите и да глумат невиност по прес конференции, Венко Филипче, Кочо Анѓушев, Хари Локвенец, Цветанка Ласкова, Јован Деспотовски и останатите инволвирани мора да бидат повикани на одговорност, да бидат сослушани и да им бидат одземени ингеренциите уште веднаш, истакна Арсовски.

Арсовски ги повика доколку имаат трошка морал, инволвираните во овие скандали мора да си дадат оставки и да остават органите на  прогонот да го сработат своето. Соопштенијата од јавното обвинителство дека ќе постапат по допрен глас, не смеат да бидат покритие за да се стиши револтот кај јавноста од општиот грабеж што се случува во моментот. Доколку нема ефективна истрага и нема одговорност индиферентноста на органите на прогонот може да се протолкува како нивно соучесништво во истава оваа афера и скандали. Граѓаните очекуваат одговор дали се сослушани Филипче, Анѓушев, Ласкова, Локвенец и Деспотовски? Кој влијаел и кој одлучил 45 милиони евра на граѓаните да се делат на фирми блиски до функционерите на СДСМ? Кој премолчил за конфликтот на интереси?, запраша тој и додаде:

-Фондот за иновации се претвори во фонд за испумпување на парите на граѓаните во џебови на фирми и поединци блиски до СДСМ. Меѓу лицата и фирмите кои се офајдиле од оваа институција, која полека но сигурно се претвора во еден вид финансиер на СДСМ, е и компанијата „Кодинг – Горска“ ДООЕЛ во која директор е Горан Тодоров, претседател на општинската организација на СДСМ Кавадарци. Оваа фирма добила грант од 18.227.237 денари, односно 296.000 евра од Фондот за иновации за нова амбалажа и вкус на алое вера. Очигледно дека СДСМ е преполна со иноватори кои наоѓаат секаков начин да добијат средства од парите на граѓаните, за кои нема да вратат ниту денар, а камо ли да платат било каква камата како сите граѓани. После скандалозните грантови кои ги добија фирмите на вицепремиерот Анѓушев, пратеникот Локвенец, снаата на Цветанка Ласкова и претседателот на општинската организација на СДСМ Кавадарци кој се омрсил со народни пари. Има ли крај на овој скандал и на овој грабеж“.

Додека економијата ни тоне, рече Арсовски, обичните граѓани едвај врзуваат крај со крај, фирмите поврзани со СДСМ добиваат стотици илјади евра за наводна иновативност.

-Оттука граѓаните не треба да се чудат зошто растот на БДП е толку низок, односно околу нулата, зошто растат цените и трошоците за живот, а се друго е во слободен пад надолу. Впрочем овој скандал со Фондот е најдобар показател како СДСМ го замислуваа животот кој го ветуваа, народот да преживува, а партиските функционери да се богатат на грбот на граѓаните. Ова е премногу сериозно. Надлежните институции треба под итно да превземат истрага за овој грабеж на граѓаните и на државата. До тогаш најмалку што можат да направат е директорот на Фондот да си поднесе оставка за да не влијае врз истрагата, а не да се прави паднат од небо како изминативе денови дека неговата институција поделила огромни грантови на своите партиски другари под сомнителни критериуми. Во пакет со Деспотовски оставка треба да си поднесат и сите носители на јавни функции чии фирми или фирми на нивните членови на потесното семејство добиле народни пари за наводна иновативност, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Разврска мора да има. Одговорност мора да следи. Оставките се првиот чекор, а ако институциите во постапка потврдат криминал треба да има и пресуди. Јавноста тоа го очекува, да се стави крај на самоволието и криминалот на овој картел на власт кој што го гледаме изминативе година дена“.