Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на денешната прес конференција потенцираше дека откако само една година е на власт криминалниот картел на СДСМ народот пати од беда, а Република Македонија е во економска стагнација. Економијата тоне, нема инвестиции, а за нови работни места не ни станува збор, нема ниту едно ново работно место отворено, рече Арсовски.

-Зоран Заев пред изборите ветуваше дека економијата ќе била приоритет на неговата  влада, ветуваше 500 евра просечна плата, пари назад во џебовите на  граѓаните и дека ќе ја спречел тенденцијата на иселување на младите луѓе од државата, и сето тоа како што велеше со зачувување на 400 милиони евра годишно кои се  краделе од државата. Доколку ја земеме предизборната логика на  Зоран Заев како појдовна основа, тогаш се поставува логичното прашање каде завршуваат над 530 милиони евра годишно? Каде отидоа половина милијарда евра само изминатава година? Заев и картелот на власт да кажат каде отидоа над 530 милиони  евра од Буџетот на државата, за да нема пари да се остварат проектите кои што ги ветија пред изборите?, прашува Арсовски.

Тој додаде дека една година потоа, СДСМ е на власт, а Република Македонија го има најголемиот Буџет во својата историја, за над 130 милиони евра поголем од Буџетот за 2017 година. А државата секојдневно се задолжува.

-Пробиена е психолошката граница од 5 милијарди евра јавен долг и над 4  милијарди евра државно задолжување. Нема 500 евра просечна плата, нема поврат од  15% на ДДВ, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема 600 километри нов автопат, нема 12.000 денари социјална помош, односно  нема ништо од она што го ветуваше СДСМ и Заев пред изборите. Нивото на реализација на капитални инвестиции во првото тромесечие за 2018 година изнесува само 7.5%. Тоа е навистина срамно и мизерно. Секојдневно, како никогаш досега ни се иселуваат граѓаните и се одлеваат капацитетните мозоци од нашата државата. Зоран Заев ветуваше многу, а не реализира ништо. Тој свесно ги лажеше граѓаните само да се дограби до власта, истакнува Арсовски.

Тој додава дека во изминатава година сите имавме можност да се потсетиме како СДСМ  владее, и за жал пред нас минуваат мрачните слики од транзицијата од 90-тите години. Многу лаги, многу манипулација, а работа, проекти и реализација нема. Економијата за прв пат после долго време немаше раст, односно растот на БДП беше 0%, градежништвото како една од клучните гранки во стопанството е колабирано, инвестиции нема, работни места не се отвараат, а платите почнаа и да опаѓаат. Ова е ситуацијата која криминалниот картел успеа да ја направи за една година.

-Затоа на 2 јуни во 20 часот сите заедно пред владата да излеземе и да го почнеме уривањето и разбивањето на овој картел кој ни ја води државата. Македонија заслужува подобро, вели Арсовски.