Генерации Македонци не ги жалеа сопствените животи, борејќи се да ни го остават ова што го имаме денес, слободна и независна Република Македонија. Веројатно и за нив ќе било полесно да прифаќале капитулации и да тргувале со најсветите македонски национални интереси. Сигурно и тие можеле дебело да го наплатат откажувањето од името Република Македонија, а би собрале и пофалби доколку се откажеле од македонската историја, традиција и култура.

Ова е истакнато во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Натаму се додава дека нашите претци „можеле, но не помислувале да го сторат тоа бидејќи Македонија им била пред се и над се во животот“.

– Зоран Заев повторно ја лаже јавноста за штетниот и капитулантски договор со Грција. Тој дури и на големиот празник Илинден без срам и перде ја погази жртвата на илјадниците македонски херои кои ги положија своите животи за слободна и независна Македонија. Зборува за македонска историја, а потпишува дека комисиски ќе ја ревидира. Зборува за македонскиот идентитет, а се согласува да го менува. Зборува за македонски јазик, а го сведува на уставна категорија со дообјаснување, а не како реалност признаена од светот пред неколку децении. Зборува за иднина на Република Македонија, а планира да го промени името во Северна Македонија за ерга омнес, се вели во соопштението.

Најголемата опозициска партија вели дека Заев нема образ.

– Само пред месец дена се колнеше во Илинденска Македонија. Само пред година дена се колнеше во своите деца и предци дека нема да го промени уставното име, кое прифати да го избрише. Што ли да очекуваме сега, кога се колне во АСНОМ и Илинденското востание? Слободата и човечките правдини биле идеалот на Илинден и во 1903 и во 1944 година. Илинденците чија што борба е за човечки правдини се бореле токму против луѓе со карактерни особини како Зоран Заев и истите биле ставани на столбот на срамот. Иднината на овој народ се гради со дела, со многу труд, реформи и работа, а не со продавање на националните и државни интереси. Европа е семејство на рамноправни народи и држави, на партнери со достоинство и меѓусебно почитување. Во Европа се почитуваат вредностите на демократијата, човечките права и правото и ние веруваме и се залагаме за тоа. За жал криминалниот картел на власт во Македонија тоа не го разбира и ја злоупотребува Европа за да гази по Уставот и законите кои се основа на правото, да прогонува и да и се заканува на својот народ, да ја крши кичмата и да го гази достоинството на Република Македонија. Зоран Заев ниту е лицето на Европа во Македонија, ниту ги преставува европските вредности, се вели во соопштението.