Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Атина
На почетокот на октомври 2020 година, на настан во Музејот на Акропол, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Мајкрософт најави изградба на дата центар во Грција, прв во земјата, но и во поширокиот регион, а денес, речиси шест години подоцна, во земјата, според достапните новинарски податоци, функционира 21 дата центар, што е во рамките на владината стратегија, презентирана во март годинава за можностите на Грција „да се развие во важен регионален хаб за развој на центри за податоци и движење на дигитални услуги“.
По меморандумот потпишан во четвртокот меѓу грчката национална компанија за електрична енергија (ДЕИ) и Амазон Веб Сервисис (Amazon Web Services AWS), со кој се одредува рамката, Грција ќе добие уште еден дата центар, овој пат во северозападниот дел на Грција во близина на Кожани што во почетната фаза ќе располага со 300 мегавато влезна електрична моќност, со перспектива во иднина да се прошири и до еден гигават.

Според достапните новинарски податоци во Грција, во земјата функционираат 17 приватни и четири јавни дата центри, сите приклучени на мрежата со среден напон, а нивната вкупна инсталирана електрична моќност изнесува приближно 40 мегавати кај приватните и четири мегавати кај јавните центри, односно вкупно околу 44 мегават.
Во март годинава, Министерството за дигитално управување и вештачка интелигенција и Министерството за развој ја презентираа студијата изработена од меѓународна консултантска и ревизорска компанија PwC „за лоцирање и развој на дата центри во Грција“ во која се истакнуваат „значајните можности што се создаваат за Грција во брзорастечкиот сектор на дигиталната инфраструктура“.
– Целта не е неконтролиран развој на дата центри, туку балансирано и рационално искористување на компаративните предности на земјата, а со главен водич одржливоста и намалувањето на енергетскиот отпечаток. Земјата, благодарение на својата географска положба како крстопат меѓу три континенти, на подобрената меѓународна поврзаност и пристапот до новите пазари во Југоисточна Европа и Источниот Медитеран, има потенцијал да се развие во значаен регионален хаб за развој на центри за податоци и проток на дигитални услуги, соопштија тогаш од двете министерства.

Потенцијалниот регионален пазар, според студијата, се проценува на пет гигавати побарувачка за дата центри, главно од централна и источна Европа и Блискиот Исток, додека пак конкретно за Грција, поради својата геостратешка положба, телекомуникациската инфраструктура и поврзаноста со меѓународните мрежи, „постои значителен инвестициски интерес, над еден гигават за развој на дата центри во земјата“.
На глобално ниво, се очекува глобалната побарувачка за вкупен капацитет на дата центрите да се зголеми тројно до 2034 година, од 18 на 58 гигавати, како резултат на експоненцијалниот раст на апликациите за вештачка интелигенција и cloud-услугите, проширувањето на 5Г мрежите и зголемената употреба на streaming-услуги со висока резолуција.
Во Грција пак, според студијата, најголемиот дел од барањата се однесуваат на областа Атика, поширокиот регион на Атина, но инвестициски интерес постои и за Солун, северозападна Грција, Коринт, Крит и областа Виотија, а инвестициите доаѓаат од различни типови инвеститори: hyperscalers (големи технолошки компании), оператори на дата центри, јавни институции, енергетски компании и инвеститори во инфраструктура.

Студијата ја истакнува географската нерамномерност меѓу областите со висока побарувачка, пред сè Атика и областите каде што постои поголема достапност на електрична енергија за приклучување на нови капацитети. Вкупниот капацитет на електроенергетскиот систем се проценува на околу 1,9 гигавати во 2025 година и се очекува да достигне 2,9 гигавати до 2034 година, согласно Националниот план за енергија и клима.
– Заклучоците од студијата покажуваат дека, со соодветно планирање на политиките и инфраструктурата и со искористување на меѓународното искуство, Грција може значително да ја зајакне својата позиција на глобалната дигитална мапа, привлекувајќи инвестиции со висока додадена вредност и зајакнувајќи ја својата улога како регионален центар за дигитални услуги, соопштија од двете грчки Министерства на средината на март годинава.
Грчката независна и непрофитна новинарска организација Соломон, што се занимава со истражувачко новинарство пред неколку дена објави сторија под наслов „Грција без план за дата центрите“, во која меѓу другото, вклучена е, за првпат, целата студија на PwC што во март годинава беше објавена, но само во вид на заклучоци.

Што предвидува законот за дата центрите во Грција?
Со цел да се воспостави правна и урбанистичка рамка за функционирање на дата центрите во Грција, на крајот на ноември 2023 година беше донесен и соодветен закон, што ги опфаќа и посебните урбанистички, градежни и просторни правила.
Во законот, пред сè е дефинирано што значи дата центар, односно „објекти во кои е сместена и поврзана опрема за информатички технологии (компјутерска, мрежна и телекомуникациска опрема), која функционира и обезбедува услуги за складирање, обработка и пренос на податоци или cloud услуги и располагаат со потребните нивоа на отпорност и безбедност за обезбедување услуги со конкретна достапност“.
Во овие објекти се вклучени и сите инфраструктури и инсталации потребни за електрично напојување и контрола на условите во објектот.

Дополнително, дата центрите се поделени во две категории.
Ако дата центарот обезбедува услуги на други лица или компании и има номинална електрична моќност на ИТ-опремата од најмалку 200 киловати, задолжително е да се достави пријава за работа, а втората категорија е во случај да не се обезбедуваат услуги на трети лица, туку служат исклучиво за потребите на својата економска активност и се со најмалку 1.000 киловати номинална електрична моќност на ИТ-опремата.
За дата центри кои не ги достигнуваат овие прагови не е потребна пријава или одобрение.
Во законот, исто така се објаснети условите за градба, просторот и сл.

Поголемиот број од дата центрите во Грција се во областа Атика
Не е исклучена можноста во Грција да функционираат и повеќе од 21 дата центар, бидејќи не постои конкретен централен регистар, ниту пак подлежат под едно конкретно министерство, затоа во одредени натписи и податоци достапни на интернет бројката варира, но исто така зависи и од тоа дали во дата центри се вбројуваат и помалите корпоративни или телекомуникациски сервисни центри.
Според достапните податоци, најголемата концентрација на дата центри е во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, односно во индустриската зона кај Спата, Коропи и Пеанија.

Владината студија од март 2026 година ја потврдува оваа концентрација, дека од регистрираниот инвестициски интерес за Грција, околу 65 отсто, односно приближно 800 – 1.260 мегавати се однесува на Атика, но и укажува на тоа дека, иако е доста атрактивна дестинација за инвестиции, сепак располага со мал електричен простор споредбено со други региони.
Меѓу поважните дата центри во Грција, се оној на американската Диџитал Риалити (Digital Realty) со свој кампус со три центри во предградието Коропи и според грчките медиуми станува збор за еден од првите поголеми центри за податоци во земјата, а во тек е развој на најмалку уште еден центар.

Италијанската телекомуникациска компанија Спаркл (Sparkle) има четири центри, со капацитет од вкупно 13,7 мегавати. Три од центрите се во областа Атика, а еден во Ханија, Крит.
Свои дата центри имаат и грчките компании ЛАНКОМ (LANCOM) и Синапсеком (Synapsecom).

Паралелно, се очекува во текот на следната година да бидат финализирани изградбите на дата центрите на Мајкрософт (Microsoft), Дата4 (Data4) и на соработката на грчкиот национален оператор за електрична енергија ДЕИ со ДАМАК (DAMAC), додека пак оној на ДЕИ и AWS по меморандумот потпишан во четвртокот, се очекува најрано во 2028 година.
Мајкрософт, иако уште од 2020 година ја најави изградба на три дата центри со вкупна номинална електрична моќ од 38,4 мегавати, како дел од инвестиција од 976 милиони евра, „заглави“ со грчката бирократија, а според медиумите во тек е изградбата на еден од објектот што се очекува да биде пуштен во функција кон крајот на 2027 година или најдоцна до почетокот на 2028 година.
Фото: МИА Архива/ Принтскрин




