Противпожарната служба на Грција вечерва го соопшти официјалниот број на исчезнати лица во катастрофалните пожари што во понеделникот го зафатија источниот дел на областа Атика. Вкупно 25 лица се водат за исчезнати, а 91 го загубија животот, јави МИА од Атина.

– Од процесот на проверка на податоците произлегува дека исчезнати се 25 лица, кои официјално беа пријавени во нашата служба, од страна на нивните роднини, по кои продолжуваат потрагите. Дирекцијата за кривични истраги до сега ја заврши идентификацијата на 59 тела, додека преостанува да бидат идентификувани уште 28 тела. Според Националниот центар за здравство, на повредите им подлегнаа четири лица кои беа хоспитализирани во болниците во Атика, соопшти портпаролката на противпожарната служба на Грција, Ставрула Малири на вонредната прес-конференција одржана вечерва.