Железничко поврзување на Македонија и Бугарија до 2023 година наместо претходно најавеното во 2025, очекуваат директорите на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани и на Бугарската железница Красимир Папукчиски.
По денешниот состанок во Скопје, Асани и Папукчиски рекоа дека е приоритет изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8, преку кој, според направените студии, дневно треба да сообраќаат 10 пара товарни возови на релација Скопје-Софија.
– Од наша страна веќе е почнат повик за избор на компанија за проектирање и благодарение на разбирањето меѓу двете соседни држави, вклучително и на нас како колеги, бараме начини да најде варијанта 2023 година да имаме железничка врска со изградба на тунелот на Деве Баир. Двете страни си поставувме цел во 2023 година да се поздравиме на границата на тунелот, односно да се сретнеме на веќе изградено поврзување и да го пуштиме првиот воз Скопје – Софија. Работиме прекрасно со колегите и се надеваме дека ќе ги постигнеме поставените цели, рече Папучиски.
Асани, исто така, потенцираше дека наместо 2025 година како што е предвидено со Меморандумот што го потпишаа минатата година министрите за транспорт на Бугарија и на Македонија, се гледа голема можност времето за поврзување да се намали и да биде во 2023 година.
– Ќе можеме да почнеме да градиме откако ќе биде заокружена финансиската конструкција за што дел се одвоени средства од ЕУ, а останато е работа на Владата која разговара со меѓународните финансиски институции, рече Асани.
Македонскиот дел од железницата со Бугарија опфаќа изградба на три делници, Куманово-Бељаковце (31 километар) единствената за која се почнати теренски активности, Бељаковце-Крива Паланка (32) и Крива Паланка – Деве Баир (23 километри), а поврзувањето треба да биде со изградба на тунел во должина од 2.400 метри на граничниот премин Деве Баир.
Не е заокружена финансиската конструкција за третата делница, која се проценува дека ќе чини околу 400 милиони евра заедно со електрификација на првите две делници, а досега се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА програмата.
– Првата фаза од Куманово до Бељаковце се гради, за втората фаза од Бељакоце до Крива Паланка сме пред распишување тендер за изградба, а за третата делница се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА програмата кои ќе бидат достапни многу бргу, а државата веќе преговара за обезбедување на останатите пари, појасни Асани.
Покрај за втората делница, лани на Самитот во Трст беа одобрени и 70 милиони евра за втората делница.
– Мора да почнеме да работиме што побргу за да можеме да ги искористиме средствата за чие користење има рок, наведе Асани.
Вкупната финансиска конструкција на пругата кон Бугарија, проект почнат пред 25 години се проценува да чини меѓу 600 и 700 милиони евра.
На Коридорот 8 Македонија треба железнички да се поврзе и со Албанија, со делницата Кичево-Лин, во должина од 63 километри, за која е готова проектната документација, а за изградбата треба да бидат обезбедени 500 милиони евра.