Времето во Македонија денеска претпладне ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, проследени со појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 13, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени Целзиусови.
Во Скопје претпладне ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се зголеми, а кон крајот на денот ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне 25 степени.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од утре до почетокот на следната седмица подрачјето на нашава земја ќе биде под влијание на серија на влажни бранови кои што ќе предизвикаат времето да е променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Утре и в четврток ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер од над 70 километри начас, локално во форма на невреме. Од петок, а особено за време на викендот поради спуштање на студена воздушна маса врнежите од дожд на планините и повисоките места ќе бидат од снег и ќе се формира нова снежна покривка. Врнежите повремено ќе имаат обилен карактер, наместа над 40 литри на квадратен метар за краток период.
Со измерени седум степени најстудено утрово е во Берово, додека со 15 степени Целзиусови најтопло е во Скопје-Зајчев Рид и во Тетово.
Како што соопштија од УХМР, осум степени се измерени во Лазарополе, 10 Охрид, Крива Паланка и Попова Шапка, 11 Маврови Анови, Дебар и Претор, 12 степени во Скопје-Петровец, Струмица и Демир Капија, 13 Битола, Штип, Велес, Прилеп, Гевгелија, Кавадарци и Куманово, 14 Крушево и во Виница.
– Во текот на ноќта имаше појава на мала до умерена облачност. Дуваше слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец кој во Штип достигнуваше брзина до 50 км/час. Изутринава е променливо облачно, дува слаб до умерен ветер од променлив правец, соопштија од УХМР.