Русија ја поддржува Србија во решавање на косовскиот проблем, а Србија никогаш нема да потклекне на антируската хистерија и нема да воведе санкции кон Москва, изјавија по средбата во Москва министрите за одбрана на Србија и Русија, Александар Вулин и Сергеј Шојгу.

– Уште еднаш добивме поддршка од Русија кога е во прашање решавање на косовскиот проблем. Србија е таа која може и треба да донесе одлука, а Русија секогаш ќе биде со Србија. Москва ја почитува политиката на претседателот Александар Вучиќ и политиката на Србија, кога е во прашање зачувувањето на Косово, кога се во прашање интересите на Србија и на српскиот народ, истакна Вулин.

Министрите се согласиле дека Србија и Русија ќе ја унапредат воено-техничката соработка.

– Србија никогаш нема да учествува во антируската хистерија и никогаш нема да воведе санкции кон Русија, ниту ќе биде таму каде лошо се говори за Русија или каде таа се напаѓа, му ветил Вулин на Шојгу.

Шојгу на средбата ја оценил соработката меѓу Русија и Србија како многу успешна, особено во делот на воено-техничката соработка, што за Русија е најважно, најавувајќи унапредување на соработката во областа на воено-техничката, воената соработка, како и соработката во поглед на заедничките воени вежби и обуката.

Тој потврди дека во наредниот период Србија може да очекува продолжување на реализацијата на договореното, а тоа е набавка на нови хеликоптери МИ-17 и на борбените хеликоптери МИ-35, се наведува во соопштението по средбата.