Руската и кинеската морнарица спроведуваат заеднички патроли во Тихиот Океан, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Западните агенции пренесуваат дека со оваа заедничка активност се продлабочуваат воените и дипломатски врски меѓу Москва и Пекинг, додека нивните односи со западните земји се влошуваат.

Во соопштението на руското Министерство на каналот Телеграм, се наведува дека екипажите на двете морнарици изведуваат заеднички тактички вежби во кои учествуваат артилерија и хеликоптери.

– Задачата на патролите е да ја зајакнат поморската соработка меѓу Русија и Кина, да го одржат мирот и стабилноста во азиско-пацифичкиот регион, да ги надгледуваат бреговите и да ги заштитат поморските економски капацитети на двете земји, се додава во соопштението.

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Узбекистан ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин за да разговараат за ситуацијата во Украина и Тајван. Тоа ќе биде прв состанок во странство на кинескиот лидер во последните две години.

Руските и кинеските воени бродови ги извршија првите заеднички патроли во октомври минатата година, во западниот дел на Тихиот Океан, што не остана незабележано од Јапонија, која нивните маневри ги нарече невообичаени.