Економијата блеска, а нашите резултати се за поклонување, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Собранието.

– На 1 јуни 2017 година јавниот долг беше 48,6 отсто од БДП, а сега е 47,7 проценти. Намален е за 0,9 отсто. За разлика од ова намалување, во периодот 2006-2017, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, долгот беше зголемен од 20 на 48,6 отсто. Се трупаа кредити, 28 проценти од БДП, за жални врби, музеи, споменици, за лева рака – десен џеб, за непродуктивни трошоци, рече Заев, одговорајќи на пратеничко прашање.

Заев нагласи дека за 300 отсто е зголемена социјална помош, дека за 2,5 години платите се зголемени за 2.297 денари или по ново за 2.600 денари, а се зголемуваат и пензиите – „заклучно со јануари за 1.740 денари, што е за 10.000 денари зголемување во 2020 година“. За 60 отсто е зголемена и минималната плата, која беше 9.000 денари, а тоа, според пресметките, како што нагласи премиерот, значи 66.000 денари повеќе пари кај секој примател на минимална плата.

Покрај ваквите економски мерки, напомена Заев, има и заштеди заради транспарентното и чесно работење.

– Економијата блеска, а уште не сме членка на НАТО, ниту почнаа преговорите за членство во ЕУ. Резултатите се за поклонување, потенцира премиерот.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт „истури“ 27 милиони евра за рекламирање, а СДСМ нема потрошено ниту денар.

– Ако планирате со „социјалка“ да ја подгнувата средната класа, за жалење сме, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој го постави прашањето до Заев, напоменувајќи дека не е задоволен од одговорот.

Мицевски претходно му рече на Заев дека СДСМ се повеќе потсетува на поранешното ВМРО-ДПМНЕ, на што премиерот праша на кое ВМРО-ДПМНЕ мисли, дали на тоа на Милошоски, на Трајко Вељаноски, на Влатко Ѓорчев или на Мицкоски.

– Не. Ни со сегашното, ни со поранешното ДПМНЕ не сме исти. Вие потрошивте 50 милиони евра, а ние ниту еден денар државни пари, потенцира Заев.