Премиерот во заминување и претседател на СДСМ Зоран Заев верува дека промена на власта на изборите најавени за 12 април нема да има, бидејќи тој нема да дозволи, како што вели, да се врати режимот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека неговата партија не мора да води некаква посебна негативна кампања, бидејќи, како што посочува, власта води таква кампања секој ден со нејзините постапки, додека првиот човек на ДУИ Али Ахмети потенцира дека политичкиот натпревар би требал да се одвива во насока на подобрување на секојдневниот живот на луѓето.

Лидерите на трите партии, кои деновиве разговараат околу формирањето на техничката влада, која треба да се избере на 3 јануари, во изјава за МИА говореа на повеќе теми, меѓу кои и за нивните очекувања од претстојните избори, колку тие ќе бидат демократски, со оглед на тоа што има најави за нови „бомби“ и за тоа дали се отвора ли можноста за зајакната негативна кампања.

– Прво, промена на власта нема да има. Кога го велам ова, не го кажувам од позиција на партиска грижа да добиеме уште четири години. Го кажувам зашто имам полна одговорност – да не дозволам да се врати режимот. Се разбира, граѓаните на слободни избори ќе донесат одлука, но јас најсилно ќе се борам и ќе се залагам да укажам најпластично, најилустративно, најдраматично што ќе се случи ако се врати режимот, вели Заев во изјава за МИА.

Нагласува дека она што го најавува опозицијата е закана дека ќе биде поништен договорот од Преспа, што, како што потенцира, значи дека земјата ќе биде доведена да биде исклучена од НАТО и да влезе во нова целосно неизвесна ситуација на проблеми со соседите и внатрешен немир.

– Нема да дозволиме да се случи тоа. Јас, СДСМ, партиите блиски до нашите политики, мнозинството одговорни граѓани – нема да дозволиме да се случи тоа. Да поентирам на вашето прашање: Не се плашам од „бомби“. Напротив, ги охрабрувам да ги објават, бидејќи јас знам дека нема од што да се плашам, истакнува Заев за МИА.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој вчера имаше одвоени средби и со Заев и со Ахмети околу кадровските решенија за техничката влада, на истото прашање одговара дека на дневно ниво има толку многу скандали и оти според него Владата повеќе и не се брани во однос на скандалите.

– Видете има толку многу скандали на дневно ниво што мислам дека веќе би бил невобичаен ден да нема некоја работа поради која не би се фрапирале поради скандалозноста која ја прави власта. Мислам дека дојде до таму работата, што и владата веќе не се брани во однос на очигледните скандали, зошто бродот им тоне по сите шавови, одговара Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ не треба да води посебна негативна кампања за претстојните избори, бидејќи таква води власта секој ден со нивните афери.

– Никој друг не е виновен за тендерите кои се случуваат во пресрет на изборите, тоа што одбраа да го штитат криминалот во случајот „Рекет“, што сакаат да ги амнестираат кодошите, што сакаат дополнително да не задолжат, што одбиваат испитување на потекло на имот на политичарите, што рекетот се шири како заболено диво месо во нашето општество. Не би рекол дека тоа е црна кампања тоа е голиот живот кој го живее секој еден човек денес во Македонија, истакнува за МИА лидерот на најголемата опозициска партија.

За претседателот на ДУИ, Али Ахмети нашето општество мора да созрее и да го надминеме тоа што се случуваше пред три и четири години, никогаш да не се повтори.

– Политичкиот натпревар би требало да биде за подобрување на секојдневието и животот на луѓето. Ние како субјект никогаш не сме спроведувале негативна кампања, бомби, лажни вести, но сме биле и се уште сме субјект на пропаганда, лажни вести. Ние ќе настапиме со целосно реформирана партија и сосема нова, модерна и храбра програма со цел да ја добиеме повторно довербата на граѓаните, нагласува Ахмети во изјава за МИА.

Тројцата лидери одговорија и на прашања поврзани со потребата од техничка влада сто дена пред избори, колку тоа придонесува за демократизација на општеството, за евентуалниот застој на бизнисот и другите сфери во тие сто дена, но и за насоките на постизборните коалицирања.

МИА наскоро ќе го објави целиот текст со одговорите на сите прашања кои ги поставивме до лидерите на трите партии.