Суштината на формирањето на Кооординативното тело за помирување е да помогне во превенирање на политички кризи, во олеснување на пронаоѓање квалитетни решенија за реформите, во нивна имплементација, но и да даде помош во делот на помирувањето заради евентуално политичко мешање во правни процеси, истакна вечерва Зоран Заев.

Тој одговарајќи на новинарско прашање на брифингот во Владата посветен на Планот 18, во врска со неговите очекувања од работата на Координативното тело и разликата околу термините помирување и амнестија, напомена дека нашето општество има сериозна потреба од помирување, поради длабоката политичка поделеност.

Заев рече дека ќе се бара помош и од правните институции, да се најдат правни механизми за тоа што значи помирување, што значи простување.

-Тоа понекогаш значи извинување. На првата средба со новата пратеничка група, со пратеникот Крсто Мукоски имаше извинување од негова страна и од моја и од Талат Џафери и тоа за мене е најголемо простување. Но тоа е до мене, но сепак правниот систем мора да важи, нагласи премиерот.