Премиерот Зоран Заев изјави дека сега се подготвени да го продадат „тенкот на Груевски“ за да купат амбулантни возила откако синоќа директорот на струмичката болница преку социјалните мрежи побара донации за набавка на комбе.

Заев уште пред првиот мандат вети дека „мерцедесот“ што беше купен во времето на експремиерот Никола Груевски ќе биде продаден и од парите ќе купат амбулантни возила.

Но, „тенкот“ што беше изгребан од мачки, се уште го возат и во вториот мандат на Заев, а поради неговата набавка в затвор лежат ексминистерката Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски.

Заев за ТВ 21 изјави дека „мерцедесот“ сега може да се вештачи и да се продаде.

– После пресудата на Врховен суд предметот е завршен и сега може да се направи вештачење колку пари би можел да се продаде и да се направи одлука согласно тоа, што да се прави со него, изјави Заев за ТВ21.

Владата веќе еднаш донесе одлука за продажба, но „мерцедесот“ не беше продаден туку се чувал како материјален доказ за предметот на СЈО „Тенк“.