Ако нема мнозинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност, ставивме се на оваа карта, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Тој изјави дека се уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

-Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци, рече Заев на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор.

Тој додаде дека Македонците во државата не треба да се плашат дека некоја албанска партија или албански пратеник бараат да се загрози идентитетот.

-Сите се залагаме тој идентитет, што беше оспоруван, конечно да биде загарантиран. Албанците го направија тоа и на референдумот и со поддршката на Договорот од Преспа, истовремено и ние Македонците немаме намера нечие етничко чувство или припадност да го преиначиме. Тоа се човекови вредности и права, рече премиерот.

Заев повтори дека вкупната бројка на пратеници кои ќе ги поддржат уставните амандмамни ќе се знае во моментот на гласањето. Очекува тоа да се види уште денеска при гласањето за првиот амандман во Собранието.

-Одговорноста на крајот е на пратениците и верувам дека ќе најдат сили да се соберат две третини односно 80 пратеници за да се изгласаат амандаманите бидејќи потоа следува и гласањето во грчкиот Парламент, вели Заев и изрази уверување дека „ако бидеме креативни ќе изнајдеме решение“.

Тој рече дека не може во моментов да каже дека се обезбедени 80 пратеници, но и дека е подготвен да го преземе својот дел од одговорноста.

-Секој треба да ја преземе одговорноста за процесот. Ако нема мнозинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме се на оваа карта. Во политиката, како што се земаат ловорики, така се понесува и одговорност. Немам предрасуди, дојде моментот на одговорноста. Или ќе не има 80 или ќе следува одговорност, вели премиерот Заев, и при тоа подвлекува дека сепак верува и очекува да биде обезбедено потребното мнозинство.

Заев коментирајќи ја вчерашната изјава на Христијан Мицкоски и ставот кон Договорот кажа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од една страна пред меѓународните претставници им кажува дека е конструктивен и дека е за ЕУ и НАТО, но од она што вчера го кажа кога не повика на протест, туку на отпор, со што ја покажа патеката по која неговите поддржувачи треба да одат, е да се приклучат на протестите.

-Дали тоа значи дека ќе прават нов 27 април. Тоа сигурни нема да го дозволиме. Што и да прават тие нанесуваат само штета на Македонија. Кога човек нема став тоа е штетно и за најмала политичка партија, а за големите партии е катастрофално. Тој влегува од еден проблем во друг, но најлошото е што тие проблеми стануваат проблеми на државата. Непријатно е чувството од тоа што тој го продуцира – пратеници да поминуваат низ одредена драматургија. Секоја закана и ширење на омраза, секоја недозволена активност на кој било граѓанин очекувам МВР да ја санкционира согласно закон. Луѓето кои веруваат во Договорот и иднината на Македонија минуваат низ пекол и тоа е продуцирано од Мицкоски и неговата партија. Не само што не и помага на Македонија, туку прави несогледливи последици и остава трага во нашето општество, рече Заев на прес – конференцијата по промоцијата на сертификатот за првиот овластен економски оператор.

Заев изјави дека не очекувал таква неодговорност, но оти секој на крајот ќе треба да си ја понесе својата одговорност.

-Силна опозиција треба да значи и одговорност за државата, а овде тоа го нема, оценува Заев.