Одговарајќи на новинарско прашање после денешната средба со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, Заев кажа дека за разлика од други политичари тој стои на зборот за оставка и од премиерската и од лидерската функција во партија.

Во вторник како што кажа ќе побара да се свика Извршен и Централен одбор на СДСМ на кој ќе ја даде неговата оставка, а потоа партијата треба да организира избори за нов лидер. Смета дека има време да се избере претседател на партијата кој потоа како мандатар ќе предложи нова Влада.

„Зборот е збор и треба да се одржува. Во демократијата се поднесува одговорност кога ќе изгубите и јас ја преземам одговорноста и сакам да оставам шанса на сите наши прогресивни граѓани… Убеден сум дека сум оставил свои впечатоци, но носам и горчина со мене затоа што не можам да сфатам како Карпош, најинформиран, најупатен, еден дел од највисоката интелигенција на земјава, вака да одлучи. Значи почит спрема секој, но не можам да ги сфатам работите и за Град Скопје, кога ја имате лагата апсолутно споделена и како тоа никому не му е значајно“, рече Заев додавајќи дека доцниме 30 години од неносење на политички одлуки во минатото и од политички калкулации.