Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој е од редовите на ДУИ, изјави дека премиерот Зоран Заев бил важна фигура за одржување на стабилноста во мнозинството.

Османи, во разговор за емисијата „360 степени“, што се емитува вечерва, изјави дека ова мнозинство, „кое беше релативно тесно, е постигнато преку прецизен баланс на сили, во кој премиерот Заев беше важна фигура за негово одржување“.

– Нема дилема дека ова мнозинство има над 61 пратеник, има неколку опции за тоа, но да не откривам детали, бидејќи преговорите се во тек, порача Османи, во емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија.

Во однос на ефектуирањето на најавената, па одложена оставка од премиерот Зоран Заев по локалните избори, Османи остана на ставот дека тоа не била добра одлука.

– Со нас не е комуницирано за повторно активирање на оставката на премиерот, нашиот став од првиот ден е ист дека ова е непотребен луксуз во ова време за државата. Сепак, се сменија околностите по локалните избори и сите треба да се прилагодиме на новите околности, приоритети кои се појавија и ризиците пред кои беше ставена државата. Очекувам оваа Влада да продолжи, со тоа што не го делам мислењето во јавноста во однос на реконструкција, повеќе го гледам како процес за пополнување на испразнетите места по оставките на функционерите на Беса, рече тој во разговор за емисијата „360 степени“, водена пред средбата на Заев со Гаши.

На прашањето кој е ставот на ДУИ за Влада со исто мнозинство, но со друг мандатар, Османи одговори дека Заев бил важна фигура за одржување на стабилноста во мнозинството.

– Ова мнозинство, кое беше релативно тесно, е постигнато преку прецизен баланс на сили во којшто премиерот Заев беше важна фигура за одржување на балансот. Мислам дека и ако ги имаме бројките на хартија, тешко ќе биде одржлив балансот на кое било мнозинство со изменети улоги и изменети страни кои го договориле ова мнозинство пред околу една година. Ние го имавме ова предвид кога укажувавме дека ова не е добра одлука и тоа се покажа по обидот за ново мнозинство во Собранието, вели Османи.