Нема сигурно двотретинско мнозинство во Парламентот за конечна измена на Уставот на Република Македонија и смена на името со додавката Северна, призна премиерот Зоран Заев, во синоќешното гостување на ТВ 24 вести.

За дефинитивна измена на Уставот и името на Република Македонија се потребни минимум 80 пратеници кои ќе гласаат за уставните измени.

– Досега 76 луѓе потврдија дека ќе гласаат за уставните измени во нивната конечна форма, рече Заев.

Тој додаде дека дел од опозициските пратеници гласале само за отворање на уставните измени, но не е сигурен дали ќе ги има гласовите и за конечната измена на Уставот.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека гласаа за отварање на процесот за да дадат шанса, а потоа ќе одлучат дали ќе гласаат за уставните иземни. Тоа го кажаа транспарентно. Дали ќе имаме 80 гласови за уставните измени ќе знаеме на самиот ден на гласање, на 9 јануари, во моментот на гласањето, рече Заев.

Премиерот Заев нема да се кандидира на претстојните претседателски избори, кои како што претходно најави собранискиот спикер, Талат Џафери ќе ги распише на 2 или 3 февруари идната година.

Заев, како што информираат владини извори, поддржува одржување парламентарни избори заедно со претседателските, но сепак за тоа треба да се прашаат и коалициските партнери, а некои од нив не ја поддржуваат таа идеја.

Неговата кандидатура за преместување од премиерската во претседателската фотелја стана актуелна по неодамнешната анкета на МЦМС и ТВ Телма, според која дел од анкетираните граѓани го гледаат Заев на претседателската функција, како евентуален консензуален кандидат.

За него, според таа анкета, би се определиле голем број од Македонците и Албанците.