На бившиот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, се уште за се му е виновен „режимот“, барем според статусот што денеска го објави на Фејсбук.

– Ќе собере ли ВМРО-ДПМНЕ храброст да го избере здравјето на луѓето пред својата страст за лично богатење? Многу вознемируваат информациите и фотографиите за несоодветното третирање на медицинскиот отпад. Како граѓанин на оваа држава, како родител и како одговорен политичар не можам да поверувам дека човечки органи и медицински материјали се третирале аматерски со потенцијална опасност заразите да се пренесат врз луѓето, напиша денеска на својот Фејсбук профил претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Подвигот на градскиот инспектор да упадне во „Еко клуб“, да направи фотографии и да ја фати на дело фирмата која опасниот отпад го третирала несоодветно, според Заев, треба да преставува мотив за надлежните институции за што побрзо решавање на случајот.

-Јас и моите соработници нема да дозволиме некој да профитира врз здравјето на нашите сограѓани. Заврши времето кога никој не водеше сметка за екологијата и здравјето и кога се замижуваше пред вакви скандали. Овој случај на тест го става пред сѐ Јавното обвинителство кое треба да покаже независност и политичка неутралност во утврдувањето одговорност на оние кои медицинскиот отпад го претворале во храна за кучиња скитници. Но, овој случај е голем тест и за ВМРО-ДПМНЕ, партијата за која фактите говорат дека е поврзана со фирмата која го расфрлала медицинскиот отпад. ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека тие што неодговорно се однесуваат кон јавното здравје ќе бидат казнети и од институциите и од граѓаните, напиша Заев на Фејсбук.

Бившиот премиер Заев не напиша само уште тоа дека неговата загриженост е за период во кој тој беше премиер и СДСМ ја имаше и се уште ја има сета централна и локална власт за решавање на овој проблем. Имено, градоначалник на Скопје и надлежен за Дрисла и натаму е Петре Шилегов, а технички премиер е Оливер Спасовски.