Во тек се разговори за да се овозможи гинеколозите кои работат во болниците да ординираат како матични гинеколози и на други места каде што има голем недостиг, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Појасни дека еден таков типичен пример е Прилеп каде има само четворица гинеколози, двајца од нив се пред пензија и нема на повидок млад гинеколог да ја преземе таа работа.

– Разговаравме со гинеколозите од болницата за тие да може да ординираат како матични лекари со соодветен распоред не само во Прилеп, туку и во Крушево каде со години нема гинеколог, а има опремена ординација во рамки на Здравствениот дом. Се надевам дека за нецели две недели оваа мерка и практично ќе се имплементира на терен, истакна Филипче и додаде дека повеќе пати разговарале со претставници на Здружението на гинеколози и експерти од Клиниката за гинекологија и акушерство, но и со експерти од други области заради тоа што недостиг на одредени специјалисти има во здравствените домови и од други области и затоа веќе презеле мерки.

Тој рече дека друга мерка што ја презеле е тоа што со последната измена на Законот се дозволува посета на доктор во здравствена установа, каде нема специјалист кој таму работи.

– На тој начин дозволивме лекари од неврологија или од оториноларингологија да престојуваат во здраствените домови во земјава каде такви доктори со години нема и жителите од тој регион се принудени да патуваат во најблискиот регионален центар или до Скопје. Тоа како мерка веќе почнува да се применува во смисла на правење договори меѓу клиниките односно болниците на секундарно ниво во Скопје и регионалните клинички болници со здравствените домови, а врз основа на тие потреби, додаде Филипче.