„Шпанскиот грип во 1918 година имаше смртност од 2 до 3%. Загинаа помеѓу 20 и 50 милиони. Новиот корона вирус има смртност од 3,4%. Ова го споделувам за да им биде на сите разбирливо зошто светот грчевито се бори да го спречи ширењето“, напиша доктор Александар Митов на „Фејбук“.
Доктор Ненад Лазаров сподели статистички податоци кои покажуваат дека коронавирусот е многу поопасен од САРС.
Паниката во Македонија настана денеска откако се откри дека директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Биљановска е новиот потврден случај на заболен од коронавирус. Таа откако се вратила од Италија, пет дена доаѓала на работа и не пријавила дека е инфицирана со вирусот, туку тоа го сториле нејзините колеги на кои им се заканувала со отказ.
Клиниката за кожни болести е под клуч. Во домашна изолација се 64 здравствени работници вработени на Клиниката за кожни болести. Од 104 добар дел се здравствени работници кои присуствувале на стручното предавање и 24 пациенти, 13 кои биле хоспитализирани и 11 кои биле во дневната болница. Во изолација е и матичниот лекар од Дебарската болница кој првично ги прегледал сопружниците кои се межу заболемите од коронавирус, изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче во вестите на Сител телевизија.