Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи голема катастрофа во државата Вајоминг поради пандемијата на новиот коронавирус и сега сите 50 држави во САД се во тој статус.
Според портпаролот на Белата куќа Џуд Дир, ова е првпат во историјата да е на сила состојба на голема катастрофа во сите 50 држави во исто време.
Гувернерот на Вајоминг, Марк Гордон побара да се донесе мерката.
– Иако Вајоминг не беше во сериозни тешкотии како другите држави, таа мерка ќе ни овозможи да ги подготвиме и мобилизираме ресурсите за моментот кога ќе ни требаат, рече Гордон.
Прогласувањето состојба на голема катастрофа на сојузните и државните влади, како и на одредени непрофитни организации, го прави достапно федералното финансирање.
На владите на државите исто така им е дозволено да се координираат со федералните служби за итни случаи.