Досега 500 пациенти во Македонија биле излекувани од Ковид-19, вчера се потврдение нови 19 случаи, а во ГОБ „8 Септември“ во Скопје починаа две лица, пациентка од Липково (Куманово) на 49 години, примена на 3 април со потешкотии во дишење и веднаш ставена на респиратор и 73-годишен пациент од Скопје, примен на 19 април во многу тешка општа состојба.
Во извештајот од вчера за претходните 24 часа се наведува дека се направени 335 тестирања, а потврдени се 19 нови случаи на Ковид-19 и тоа во: Скопје – три, Куманово – 8, по два случаи во Прилеп, Струга и Велес, а по еден случај во Гостивар и Виница. Со ова вкупниот број на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.386 лица. Досега во земјата се направени вкупно 15.120 тестирања.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информира дека најголемиот број од оздравените пациенти се на домашно лекување, а помал дел се пациенти кои се лечат во болнички услови. Им се заблагодари на матичните лекари кои, како што рече, многу успешно се вклучени во овој систем на пациентите и со тоа се покажа дека овој модел дава резултати. Врз основа на тој модел само десетина проценти од пациентите се хоспитализирани, не се оптоварува здравствениот систем, ниту здравствените работници.
Филипче најави дека Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести денеска до Владата ќе поднесат предлог санкционирањето за неносење заштитна опрема – маска или прекривка на устата и носот во насока на заштита од ширењето на коронавирусот да почне веднаш истиот ден или најдоцна во вторник. Констатирано дека голем дел од граѓаните или не користат заштитна опрема или неправилно ја користат.
Надлежните апелираат дека оваа мерка мора да се почитува и потсетуваат дека заштитната опрема се носи така како што е пропишано – на затворено и на отворено кога не може да се држи физичка дистанца од два метри.
Филипче појасни дека на ваков чекор ги натерале се почестите слики во медиумите и на социјалните мрежи со граѓани кои не ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема во услови каде е пропишано, но и граѓани кои ја носат маската или прекривката на лицето под брадата или во рака. Има и граѓани кои, како што рече, ја почитуваат оваа мерка свесни дека ова е еден од клучните механизми за борба против вирусот.
Министерот за здравство уверува дека ако доследно ја почитуваме оваа мерка, како и сите претходно за кои има оправданост, ќе се заштитиме и себе си и нашите семејства и сограѓаните, ќе превенираме раст на број на заболени.
Надлежните се уште немаат донесено одлука дали претстојниот викенд на кој му претходи и празникот 1 Мај ќе има тридневно ограничување на движењето на граѓаните. Одлуката ќе биде донесена врз основа на анализа на однесувањето на граѓаните, дали се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот за задолжителна заштитна опрема и одржување дистанца.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче соопшти дека од почетокот на епидемијата со коронавирусот не дискутирале за одржување на избори. Смета дека е премногу рано да се зборува за дополнително олабавување на мерките и за организација на настан, како што се на пример изборите.