Целиот детален план и препораките за функционирање во земјава во услови на епидемија на Ковид-19 ќе се финализира денеска, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во гостување во емисијата Утрински брифинг.
Тој додаде дека е тешко да се препорача попуштање на мерките само во одредени градови и региони, бидејќи од самиот почеток во справувањето со кризата пристапот бил на национално ниво.
-Во текот на вчерашниот состанок разговаравме за олабавување на некои мерки, но денеска се финализира таа дискусија. Треба да се финализира целиот детален план и препораките за функционирање. Целокупниот материјал е спремен, но кога ќе се прецизира датумот ќе се дискутира денес. Ние направивме еден наш автентичен модел според карактеристиките на населението. Две држави не може да се споредат една со друга. Сметам дека направивме прилично успешен модел на борба со вирусот. Попуштање на мерките да биде само во одредени градови и региони е тешко да се препорача, бидејќи од самиот почеток имавме пристап на национално ниво. Попуштањето ќе оди така, рече Филипче.
Нагласи дека димензионирањето на мерките е комплексен систем, а не за црно-бела ситуација кога нешто може да се имплементира, а после да се попушти.
-Станува збор за комбинација на мерки кои доколку се почитуваат ќе значи и намалување на трансмисијата на вирусот. Ние сме една од првите земји во Европа која препорача носење на заштитни маски, која доколку се почитува имаме сериозна шанса и покрај тоа што ќе препорачаме зголемена слобода на движење и скратување на полицискиот час, ќе имаме една од повеќето мерки која што ќе го спречи ширењето на вирусот, додаде Филипче.
Околу лажниот мејл кој што се појави деновиве и ги информира граѓаните дека имале контакт со заболено лице, Филипче вели дека во целиот изминат период голем проблем била борбата со лажните вести.
-Тие креираат паника, која го загрозува јавното здравје. Ова е сериозен прекршок и некој не смее да си поигрува.
Околу информацијата за лажните тестови кои се продаваат во една приватна болница, министерот Филипче изјави дека тоа е надвор од ингеренциите на министерството, туку предметот е за Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за лекови.
– Како министерство од почетокот набавуваме реагенси за капацитетите на нашите лаборатории. Тоа се реагенси за испитување на вирусот, а не на антителата, посочи министерот за здравство.
Нагласи дека сите јавни собири, ќе бидат со посебни протоколи.
-Тоа што е многу важно е дека со вирусов ќе живееме во целиот период кој е пред нас. Тој нема да исчезне се додека не се измисли вакцината. Но морам да споменам и дека работата е под контрола и ги очекуваме протоколите и мерките од Комисијата, рече Филипче.
Министерот за здравство упати апел до граѓаните да не се собираат масовно, без оглед на тоа дали се верски или други собири.
-Ова е борба во која учествуваат сите граѓани. Сите граѓани се дел од тимот и на лекари и на здравствени власти со кои што ја биевме оваа битка. Сега сме во одмината фаза на битката. Битно е борбата да продолжи, зошто само така ќе се задржи позитивен тренд и нема да се соочиме со повторно зголемување на бројот на пациенти, рече министерот за здравство, Венко Филипче.