Четири болничарки и три медицински сестри од прилепското гинеколошко-акушерско одделение се позитивни на Ковид-19, а 9 здравствени лица кои биле во контакт се пратени во изолација. Ова се најновите случаи на заразаени здравствени работници во прилепската болница. Според епидемиолошкиот извештај – нема други заразени, а надлежните велат дека одделението може да функционира реорганизирано.
Драган Богојески, директор на Градската болница „Борка Талески“ во Прилеп информира дека инфекцијата е внесена од надвор од една болничарка и истакна дека таа не криела.
– Инфекцијата е внесена од надвор од една болничарка и е раширена помеѓу останатиот персонал. Во изолација се 9 здравствени работници, нотирани со висок ризик кои биле во поблизок контакт со позитивните. Само првозаразената болничарка е хоспитаслизирана на Инфективното одделение, другите се на домашно лекување со помали симптоми. Направено е тестирање на сите здравствени работници во гинеколошкото одделение. Освен овие седум, нема други заразени. Болничарката не криела. Имала некои симптоми на настинка, мислела дека е обична настинка, не се сомневала бидејќи, како што вели самата, немала сознание дека била во контакт со некој заразен. Кога добила температура била пратена на тестирање и тогаш е утврдено дека е позитивна на корона вирусот и е отстранета од работното место. Хоспитализирана е на инфективното одделение, а другите 6 заразени се на домашно лекување. Сите лекари во гинеколошкото одделение се негативни, изјави Богојески.
Според епидемиолошкиот извештај, пациентите не се загрозени бидејќи персоналот постојано е во заштитна опрема. Богоески нагласува дека одделението може да функционира реорганизирано и да ги изведува згравствените услуги.
Во соработка со главната сестра и раководителот на гинеколошкото одделение, работата е организирана и продолжува да функционира одделението, со намален број персонал, со реструктуирање. Се изведуваат сите породувања, воедно одделението ги работи сите итни здравствени услуги спрема пациентите од Прилеп и од регионот.
– Во моментов персоналот кој е присутен работи со пациентите, обезбеден со сите заштитни средства. Сакам да кажам дека можноста и ризикот се сведени на минимум за да се заболи или да се зарази некој од пациентите што доаѓаат на преглед како и пациентите кои лежат на гинеколошкото одделение. Попладнево се врши дезинфекција на одделението, вели Богојески.
Со новите седум, во Прилеп вкупно има 22 заразени здравствени работници од почетокот на пандемијата, додека 15 досега се оздравени.
Во Прилеп, последнава недела се зголеми бројот на заразени, во просек по четири до пет нови случаи дневно. Активни се 36, од кои 29 пациенти се на домашно, а седум на болничко лекување. На инфективното одделение во болницата почина 82-годишен маж.