Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за, како што е најавено, организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.

На предлог на одбраната, треба да бидат сослушани осум пратеници од поранешниот состав, меѓу кои и Талат Џафери.

Џафери беше избран за претседател надвор од процедурата и откако седницата беше одложена за наредниот ден, а потоа СДСМ и ДУИ на „своја седница“ тогаш го избраа Џафери за претседател на Собранието. На фотографиите од тој настан се гледаат пратеници кои гласаа за новиот претседател и со две раце.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште на предлог на одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, беа сослушани повеќе пратеници, меѓу кои Илија Димовски, Благој Деспотовски, Весна Дамчевска Илиевска и Весна Пемова.

Предметот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.