Антиковид-вакцините на „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија, а неколку недели чекаа на одобрение од производителот за да влезат во земјава, нема да стигнат денеска, како штп беше најавено.

Вакцините, како што објави доцна синоќа Владата, ќе пристигнат наредните денови и ќе бидат првите 8.000 со кои и кај нас ќе почне имунизацијата.

Првично беше договорено примопредавањето на донацијата на вакцини од Србија да се изврши во текот на денешниот ден, од српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев, на граничниот премин Табановце, но беше одложено, како што информираа доцна синоќа од кабинетот на Вучиќ, заради неопходна дополнителна техничка документација.

Заев вчера изјави дека за пет дена се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“. Нив ги очекуваме на 15 или 16 февруари, земјава го регулира плаќањето за, како што рече премиерот, да може да се испланира пакувањето, обезбедувањето на превозот од Кина до Скопје. Од понеделник, односно во втората половина на месецов, треба да ги добиеме и првите дози од „Фајзер“ од директно склучениот договор со овој производител.

– Отворени ни се механизмите на набавка на Фајзер, АстраЗенека и Модерна преку КОВАКС-системот. Преку ЕУ секој ден очекуваме ново решение. Комесарот Вархеји најави 70 милиони евра, зборува дури и за авансно плаќање, само час поскоро да стигнат вакцините за Западен Балкан, рече Заев.

За пријавување за вакцина против КОВИД-19, заинтересираните граѓани од вчера може да се регистрираат на веб-страницата https://vakcinacija.mk, за која имаше проблеми во функционирањето и се правеа завршни технички прилагодувања за целосна функционалност. Министерот Филипче синоќа на Фејсбук соопшти дека за само неколку часа на веб-страницата се регистрирале повеќе од 8000 граѓани.

На наведената веб-страница граѓаните треба да пополнат апликација за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19, со што директно ќе се регистрираат во националниот систем „Мој Термин“.

– Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата,  информираше Министерството.

Може да се пријави секој граѓанин, а системот ќе генерира кои се приоритетни за вакцина. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.

Институтот за јавно здравје за периодот од 1 до 7 февруари бележи  4,8 отсто зголемување на бројот на тестирања во однос на претходната недела и 4,1 проценти повеќе позитивни случаи, односно за седум дена имало 2120 нови позитивни од 34 градови во земјава. Најзастапена е возрасната група над 60 години (26,8 отсто), а следна по бројот на заразени е возрасната група од 30 до 39 години (19,9 отсто).

Зголемување од 3,1 отсто во однос на минатата недела има и кај смртните случаи причинети од КОВИД-19 – од 1 до 7 февруари биле пријавени 66 смртни случаи од 21 град,

ИЈЗ вчера соопшти дека според анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти на вирусот кои претходно ги немало кај пациентите во нашата држава. Во текот на минатата недела до Институтот се пријавени 649 материјали секвенционирани за присуство на „британскиот” сој на SARS-CoV-2 од три лаборатории ( ИЈЗ, „Жан Митрев“ и МАНУ), а Министерството за здравство соопшти дека од нив, 56 се позитивни за присуство на новиот сој. Од овие резултати е забележано дека „британскиот” сој е присутен во осум градови, а најмногу се откриени во Охрид (25), Прилеп (10) и Кавадарци (4).

Во земјава вкупно се хоспитализирани  591 пациент позитивни и сомнителни на коронавирусот – во главниот град се 257, а во ковид-центрите во болниците низ земјава лежат 334. На располагање се околу 490 празни болнички кревети за ковид-пациенти.

Нови 389 случаи на КОВИД-19 беа евидентирани вчера во дневната статистика, потврдени од 2445 направени тестирања во 24 часа. Починаа четири пациенти на возраст од 65 до 87 години. Регистрирани се 998 оздравени пациенти.

Од почетокот на епидемијата во земјава, пред речиси една година, направени се 476 725 тестирања. Бројот на дијагностицирани достигна 95 736, оздравени се 86 844, а починати 2959 луѓе. Активни случаи има 5933, од кои  2778 се во Скопје.