ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со тоа што Скопје се гради како отворен град што работи за граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски со години го силуваа Скопје а наместо да ги следат потребите на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Трајановски спроведуваа криминални проекти за да ги остварат замислите и желбите на Никола Груевски, се вели во денешното соопштение на Социјалдемократскиот сојуз.
„Загаден, нечист и затворен град е резултатот од децениското криминално и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ со Скопје. Масовната партизација и злоупотребата на администрацијата завршија со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Денес администрацијата и на локално и на државно ниво се професионализира и работи во интерес на граѓаните, а не како досега во интерес на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со тоа што новата градска администрација предводена од СДСМ и градоначалникот Петре Шилегов, го градат Скопје како отворен и функционален град што работи во интерес на граѓаните. Очигледно е, ВМРО-ДПМНЕ ниту на власт, ниту во опозиција не работи во интерес на Скопје и неговите граѓани“, се вели во истото соопштение.
Вчера реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ со став дека „неспособниот Шилегов ја преполнува градската администрација“, а додека нема проекти капиталните инвестиции се изворедно најниски – 16 отсто.
„Надвор од европските препораки и мерит системот распишува оглас за вработување на 44 административни службеници преку агенција за привремени вработувања. Петре Шилегов не беше способен да испрска против комарци, не знае да се справи со кучињата скитници и повеќе од 10 месеци нема ниту еден проект. Ниту пак нешто од тоа што го вети реализира, но затоа одвојува повеќе од 70 илјади евра за вработување на нови 44 административни службеници во градската администрација, иако се жалеше дека градската администрацијата е преполна“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.