Епидемиолошката состојба со Ковид-19 засега останува стабилна. Како што соопшти вчера Министерството за здравство во деноноќието меѓу средата и четвртокот биле регистрирани 17 нови случаи на заболени од Ковид-19, а во меѓувреме продолжува и теренската вакцинација, која денеска ќе се одвива во 60 населени места во државата.
Надлежните уверуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови. Воедно, апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.
Според последниот извештај од Министерството за здравство, вакцина досега примиле 17 521 граѓанин, а ревакцинирани се 305 804 граѓани.
Последните бројки укажуваат на тоа дека најмалку една доза вакцина имаат примено 61 отсто од населението над 70 години, 58 отсто од граѓаните над 65 години, 53 отсто од оние над 60 години и 43 отсто од лицата над 50-годишна возраст.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.
– Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба, информираат од Министерството.
Исто така, сајтот „vakcinacija.mk“ е отворен и за закажување на термини за вакцинација на децата.
Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Во државата продолжува и теренската вакцинација, денеска во 60 населени места.
Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата ќе се одвива на следните места:
Тетово – Шипковица, Вешала, Бродец, Лисец, Гајре, Бозовце
Гостивар – Речане, Вруток
Ресен – Дрмени, Г.Д.Перово, Лавци, Волкодери, Покрвеник, Шурленци, Прељубље, Крушје, Златари, Иабишта, Лева Река
Штип – Козјак, Аргулица, Црвулево
Свети Николе – Сарамзалино, Аџиматово
Берово – Двориште;
Струга – Делогожда, Ростуше
Струмица – Банско, Баница
Неготино – Дрен, Чифлик
Пробиштип – Петршино;
Кочани – Нивичани;
Кичево – Грешница, Бачишта, Лешница, Речани
Битола – Ореово, Паралово, Маково, Орле, Рапеш, Брник, Зович, Старавина, Будимирци, Градешница
Охрид – Пештани, Трпејца, Љубаништа;
Македонски Брод – Г.Манастирец, Д.Манастирец, Сушица, Тополница
Велес – Д.Чичево, Г.Чичево, Подлес
Скопје – Сандево, Кучевиште, Побожје.
Согласно вчерашните податоците од Институтот за јавно здравје, во претходното деноноќие се направени вкупно 2.896 тестирања. Од новите случаи на заболени, девет се во Тетово, во Скопје шест, а во Прилеп и Гостивар по еден.
Регистрирани сe седум оздравени пациенти и тоа од Куманово и Тетово по три, и Скопје по еден. Едно лице од Скопје почина, во болнички услови.
Со ова, досега во земјата се направени вкупно 941.178 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица почетокот на епидемијата изнесува 155.981. Бројката на оздравени пациенти е 150.251, на починати е 5.489. Вкупно има 241 активни случаи.
Инаку, Светската здравствена организација вчера предупреди дека пандемијата со коронавирусот најверојатно долгорочно и далекусежно ќе влијае врз менталното здравје ширум светот.
Од СЗО сметаат дека психолошките лузни што ги остави пандемијата произлегуваат и од инфекцијата и од стравот од инфекција, но и од психолошките последици од заклучувањето и самоизолацијата, за што многумина се одлучија во обид да го запрат ширењето на болеста.
– Сите се погодени на еден или друг начин. Грижата за пренесување на вирусот, психолошкото влијание од затворањето и самоизолацијата придонесоа за кризата во менталното здравје, заедно со стресот поврзан со невработеноста, финансиските грижи и социјалното исклучување. Ефектите од пандемијата врз менталното здравје ќе бидат долгорочни и со трајни последици, соопштија вчера од СЗО.