Службеници на царината на САД во Филаделфија заплениле фалсификувани банкноти во евра и долари во вредност од над 6.5 милиони долари, се наведува во синоќешното соопштение на американската Царинска служба.  

Парите пристигнале преку меѓународен карго лет од Русија, со конечна адреса во Чикаго. Слична пратка во сума од речиси 100.000 долари пристигнала и на 7 септември. Се додава дека пратките биле со манифест „пари за игра Монопол“.  

-Банкнотите се обележани како реквизит пари, што федералните закони ги сметаат за фалсификувани девизи, но банкнотите премногу наликуваат на оригинална американска валута, се наведува во соопштението.

Царинските служби ја контактирале тајната служба на САД од каде потврдиле дека девизите се фалсификат и дека тие ги преземат за натамошна истрага. 

-Според законот, обидите за репродукција на банкноти во САД се подложни на рестрикции, и оние чија намера е да стават вакви фалшливи банкноти во легален оптек се соочуват со строги казни, се додава во соопштението на Царинската служба на САД.