Активни случаи на коронавирус во земјава има 7859, меѓу кои се и новодијагностицираните 156 во вчерашната статистика. Речиси половина од вкупниот број активни, односно 3691, се во Скопје. Трицифрени бројки има во 13 општини, а две од нив имаат над 400: Битола – 484 и Куманово – 406.
Најмногу од 156-те новозаразени (потврдени од 1309 тестирања) се од Скопје (91), по што следуваат Кавадарци со 19, Битола со 13, Прилеп и Куманово со по осум нови случаи.
Министерството за здравство вчера соопшти и за десет починати лица, од кои двајца се на 35 и 38 години. Со нив, вкупниот број починати од КОВИД-19 достигна 7242.
Од почетокот на епидемијата кај нас, КОВИД-дијагностицирани се 206 233, а оздравени се 191 132 пациенти, меѓу кои се и 326 кои беа евидентирани во здравствениот билтен вчера.
Министерството за здравство соопшти дека опфатот со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози се опфатени 46 отсто од граѓаните над 18 години.
Во однос на аплицирањето вакцини на целата популација, вакцинирани се 39 отсто, а две дози вакцина примиле 37 отсто од популацијата. Трета доза вакцина примиле 43 376 граѓани.
Поради ширењето на вирусот се заострауваат антиковид-мерките во земји од регионот. Нови мерки вчера стапија во сила во Словенија каде е висок уделот на позитивни тестови од 43,3 отсто и има голем наплив на пациенти во болниците. Просекот на потврдени инфекции во еден ден за последната недела е 2878.
Владата не се определи за затворање туку за мерки кои вклучуваат строга контрола на КОВИД-потврдите, заедно со документ за идентификација, како и ограничување на работното време за баровите, забрана за дискотеки и ноќни клубови, забрана за собирање надвор од кругот на семејството.
Со регистрирани 7335 нови случаи на КОВИД-19 во 24 часа Грција вчера бележи нов негативен рекорд на новозаразени на дневно ниво од почетокот на пандемијата.
Во земјата има прогресивно зголемување на термините за вакцинација од лица кои до неодамна беа невакцинирани откако беа соопштени новите мерки за невакцинираните кои стапија во сила во саботата и по опсежните контроли што се спроведуваат. Во периодот од 1 до 7 ноември имало околу 149 000 закажани нови термини.
„Како и во повеќето европски земји, така и во Грција и понатаму се влошува ситуацијата“, изјави портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому. Здравствениот систем во земјата е под силен притисок, но Владата не размислува за воведување целосен карантин.
Поголем пораст на позитивни случаи и хоспитализации се забележуваат во областите во Северна Грција кои имаат најниска имунизациската покриеност.
Владата на Србија, пак, одлучи дека ковид-пропусниците од вчера стануваат задолжителни за гостите во угостителските објекти, а ќе важат и во обложувалниците и казината. Ковид-пропусницата е дигитален зелен сертификат, кој секој граѓанин го добива кога ќе се вакцинира против коронавирус или кога ќе ги добие резултатите од тестирањето.
Покрај четирите вакцини што досега се аплицираа, од денеска во Србија ќе почне да се дава и вакцината на Модерна која веќе се дистрибуира по пунктовите за вакцинација.