Многу е тешко со сигурност да се каже во која насока ќе оди епидемиологијата, меѓутоа ние мора да се подготвуваме за лошите сценарија кои значат преоптоварени болници, полни ковид – центри и други одделенија кои ги пренаменуваме да бидат одделенија за ковид пациенти. Тоа не може да оди до недоглед, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања во врска со епидемиолошката состојба со Ковид-19 во државава.
Пренаменување на други одделенија, посочи министерот, значи дека некои други пациенти чекаат за здравствена услуга или не се детектираат навремено болести и сето тоа што сега го носиме како препорака е во насока да се зголеми опфатот со вакцинација.
Во врска со вакцините на „Астра Зенека“ рече дека очекуваат со преостанатите неколку десетици илјади вакцини од тој производител да се зголеми можеби опфатот на возрасна категорија на која може тие да се дадат.
– Се уништија дел од бугарските вакцини кои беа донација и тоа е нешто на што посветуваме внимание. Вакцини има сосема доволно и тие што ќе дојдат до крајот на годината и некои кои треба да стигнат како донација. Утре стигнува донацијата од Полска, така што количината на вакцини не треба да биде нешто што не загрижува. Уништени се 20.000 од Бугарија кои не се искористија и тоа уништување чинеше околу 200 денари, потенцира Филипче.
На прашање дали има доволно вакцини против сезонски грип, тој рече дека ги има во сосема доволен број, бидејќи досега се пријавени околу 36.000 граѓани, а има бесплатни 40.000 и плус 11.000 комерцијални.
– Засега тука сме во рамките на она што е вообичаена проценка за тоа колку граѓани се заинтересирани за вакцинација против сезонски грип, додаде Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по изјавата за мерките кои денеска на состанок ги донесе Комисијата за заразни болести.