Украина им понуди пари на руските војници и им вети имунитет од казна доколку се предадат, објави денеска германската агенција ДПА.
„Одлучете. Излезете без оружје, со бело знаме“, објави вчеравечер на Фејсбук министерот за одбрана Олексеј Резников.
На секој војник му се нуди сума која одговара на повеќе од 40.000 евра. Кампањата, наводно, е финансирана од меѓународната ИТ индустрија.
„Секој што ќе одбие да биде окупатор ќе донесе мир. Нема да има милост за оние кои го избираат патот на окупаторот!“, напиша министерот Резников.
Засега нема потврда дали некој од руските војници, кои се предаваат, навистина ќе ги добијат тие пари.
Според украински извори, досега се заробени најмалку 200 руски војници.
За време на испрашувањата, многумина кажале дека веруваат дека учествуваат во воени маневри, а не дека се испратени да се борат во Украина.
Според ОН, повеќе од 400 цивили веќе се убиени во воените дејствија на територијата на Украина.