Македонците во Албанија не треба да чувствуваат притисок и слободно треба да се изразат на претстојниот попис во земјата, изјави премиерот Димитар Ковачевски, во врска со пропагандниот притисок што го врши Бугарија за бугаризација на Македонците и во Албанија.
– Што се однесува до Македонците во Албанија, тоа е етаблирана заедница која има своја политичка партија. Имаат пратеник во Собранието, градоначалник… Ние како држава сме секогаш присутни меѓу нив. Врз основа на пописот секој од нив ќе може слободно да се изрази во Албанија како Македонец, нормално и секој притисок доколку таков постои, не треба да подлегнуваат на него. А, она што го знам, е дека Албанија ќе го спроведе пописот врз основа на сите највисоки стандади на ЕУ и на Евростат, сигурно дека ќе спречи притисоци во поглед на какво било влијание врз кој било граѓанин без разлика на неговата етничка припадност, изјави Ковачевски.
Тој за проблемите на Македонците во Албанија рече дека ќе разговара и со неговиот албански колега Еди Рама на претстојниот самит на Отворен Балкан во Белград.