По Илинденска Северна, а по Северна Горна или Долна, во било која варијанта само да не е Македонија. По симнатиот праг во преговорите од страна на нашата Влада и прифаќањето на позицијата на Грција едно име за севкупна употреба, дилема ми е за што воопшто и понатаму преговараат Димитров и Заев. Заради фарса? За да се покаже пред народот дека еве ние нешто правиме за да зачуваме некаков си национален интерес?
Интересна е тезата шо Заев ја пласираше на дуелот дека да, сме попуштиле за ерга омнес решение, но затоа пак Грците ќе ни го признаеле идентитетот, бидејќи тие ако не ни го признаваат идентитетот ние не сме Македонци, тоа мора исклучиво само Грците да го потврдат и никој друг. Нема врска тоа што 140 земји не признале под уставно име, важно е Грците да не признаат дека сме биле Македонци. Тажно е тоа што начинот на кој ги водиме преговорите и со прагот кој нон стоп го спуштаме, успехот кој до сега го постигнал Заев (признат идентитет од Грците) ќе биде под знак прашање, односно можеби веќе нема да ни го признаваат идентитетот, па после ќе имаме проблем затоа што нема да знаеме што сме.
И додека Заев и Владата се расфрлаат со националните интерес, лицитираат со нив во името на подоброто утре и наше скоро станување на членка на НАТО и ЕУ, Македонија лабаво си добива нон пејпер за отпочнување на преговори со ЕУ. Па како тогаш како што вика Владата сé е позитивно во државата и цветаат реформи на секој чекор, судството е распупено, а од друга страна добиваме ладен туш дека не сме пожелни затоа што не исполнуваме критериуми за отпочнување на преговори?
Зошто тогаш галопираме кон промена на име?
Она што Владата треба да го направи е да и објасни на јавноста дека брзаме со промена на име за да станеме членка на НАТО, а дека за отпочнување на преговори со ЕУ ќе почекаме некои подобри времиња. Треба да им се објасни на луѓето дека со тоа што ќе го смениме името, нема да имаат 500 евра плата, а ни дека тие фамозни 600 000 отселени ќе се вратат назад, односно дека со нивното погубно владеење наскоро ќе станат 1.200.000 отселени. Чесно е да каже дека Животот кој што го ветија нема да го има, а со нив на власт и тешко дека ќе го има.
М-р Мартина Антиќ