Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев ненајавено го посети Пекинг каде се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг со кој разговарале за војната во Украина.
Медведев, кој сега е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, објави видео на својот канал на Телеграм на кое се гледа неговата средба со Си, а потоа и снимка од средба меѓу кинески и руски официјални претставници.
Медведев рече дека со Си разговарале за стратешкото партнерство меѓу двете земји без ограничувања, како и за Украина. Тој не соопшти повеќе детали.
– Разговаравме за соработката меѓу двете владејачки партии на Кина и Русија. Билатералната соработка во рамките на нашето стратешко партнерство, вклучително и во областа на економијата и индустриското производство. Разговаравме и за меѓународни прашања – вклучувајќи го, се разбира, конфликтот во Украина, рече Медведев.
– Разговорите беа корисни, додаде тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потврди дека е на пат за САД.
– На пат кон САД да ја зајакнеме отпорноста и одбранбените капацитети на Украина, напиша Зеленски на Твитер.
Посетата на Вашингтон е неговото прво меѓународно патување од почетокот на војната на 24 февруари, објавија светските агенции, додавајќи дека тој би можел да се обрати во Конгресот и да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.
Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси објави писмена изјава во која ги охрабрува пратениците да бидат физички присутни во среда навечер на седницата специјално посветена на демократијата.
Американскиот претседател, од своја страна, треба да даде зелено светло за испраќање ракети „Патриот“, особено софистициран систем за противвоздушна одбрана, во Украина.
Како што наведуваат агенциите, украинскиот претседател се очекува да ги посети Белата куќа и американскиот Капитол во среда, иако безбедносните проблеми би можеле да ги променат тие планови.