Директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, изјави дека разузнавачката агенција проценува оти следните шест месеци ќе бидат „критични“ за Украина во однос на руската инвазија, додавајќи дека Русите остваруваат некои помали придобивки во последните недели.
Говорејќи на настан за надворешна политика на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, Брнс исто така рече дека агенцијата верува дека кинескиот претседател Си Џинпинг е „донекаде отрезнат“ од војната во Украина, но дека би било грешка да се потцени посветеноста на Пекинг и Москва на нивното заедничко партнерство.
Русија и Кина потпишаа „неограничено“ партнерство минатиот февруари, непосредно пред руските сили да ја нападнат Украина, а нивните економски врски се зајакнаа додека врските на Русија со Западот ослабеа.
Кина се воздржува од осуда на руската инвазија врз Украина, но внимава да не и обезбеди директна материјална поддршка на Русија, што би можело да предизвика западни санкции како оние воведени против Москва.
Но, Брнс, кој неодамна престојуваше во Украина за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека Си најверојатно бил изненаден и вознемирен од, како што рече, лошите перформанси на руската војска.
Брнс додаде дека пријателството меѓу Русија и Кина не е целосно безгранично. „Мислам дека е погрешно да се потценува взаемната посветеност на тоа партнерство, но тоа не е целосно пријателство без граници“, рече Барнс.
Руската инвазија ја поттикна загриженоста на Западот дека Кина може да направи сличен потег во Тајван, остров за кој Пекинг тврди дека е негова територија.
Според Брнс, кинескиот претседател Си сè уште има сериозни амбиции во врска со Тајван и предупреди дека конфликтот околу островската држава би бил „очигледно несреќен“ за сите инволвирани.
Брнс, исто така, рече дека САД знаеле „како разузнавачка работа“ дека Си и наредил на својата војска да биде подготвена да го нападне Тајван до 2027 година. „Тоа не значи дека тој одлучил да изврши инвазија во 2027 година или која било друга година, но тоа е потсетник за сериозноста на неговиот фокус и амбиција“, тврди Брнс.