Шестгодишно девојче што вчера околу 10 часот било примено со симптоми на настинка и покачена температура почина во битолската болница, потврдува за ТВ Канал 5 директорот на болницата Александар Обедниковски.
Детето во одделот на Педијатрија го донеле родителите, а дел од медиумите излегоа со неофицијални информации оти девојчето починало во текот на примањето на инфузија.
Директорот Обедниковски во телефонски разговор за Канал 5 не сакаше да ги коментира ваквите тврдења, но кажа оти детето примало инфузија во која немало лекови, како и дека по застојот на срцето на девојчето, имало обиди за реанимација кои траеле 40 минути.
-Вчера околу 10 часот шестгодишно девојче е примено на Одделението за педијатрија, со температура и симптоми на настинка, но нешто по 14 часот му се влоши состојбата, а обидите за реанимација траеле повеќе од половина час. Како болница побаравме обдукција, а резултатите ќе бидат дадени на Обвинителството, по што ќе се знаат точните причини поради кои настапила смртта, вели директорот на Клиничка болница Битола.