Страшо АНГЕЛОВСКИ

Читам деновиве на социјалните мрежи дека Владимир Путин е предложен за Нобеловата награда за мир. Во образложението, како и во секој пригоден текст во ваков случај, се зборува за неговите напори за мир во светот, за изнаоѓање мировни решенија при разни конфликти, за придонес во развојот на демократијата, за…

Но, како што е редот, некој се потрудил, собрал проверени податоци и во многу кус текст, а како коментар на кандидатурата, напишал:

“Како може ваков ѕвер, ваков нечовек, ваков предизвикувач на туѓи страдања, воопшто да биде кандидиран?“

И, нормално, во поткрепа на нечовештината и ѕверството, во текстот го наведува следното:

“Иако Генералниот секретаријат на ОН забрани воени акции, иако немаше согласност и од највисокото претставничко тело, претседателот реагирал неуставно кога предложил и наредил воена агресија.

Притоа, убиени се најмалку 2.500 цивили, најмалку 12.500 се повредени, оштетени се 25.000 куќи и станбени објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата… Уништени се 470 километри патишта и околу 600 километри железничка пруга. Уништен е и електроенергетскиот систем, при што се користени и касетни бомби и бомби со осиромашен ураниум. Штетата е проценета на околу 100 милијарди долари…“

И, секој од нас би се запрашал како, навистина, може ваков (не)човек да биде предложен за Нобелова награда за мир? Кој е тој извртен ум што воопшто тоа и го предложил? И дали се ова вистински вредности што треба да се спроведуваат и почитуваат за да може да се стаса до кандидатурата? Дали се тоа вредности што треба да се споделуваат, вредности врз кои ќе ги воспитуваме нашите деца?

                                 “МЕДИУМСКИТЕ ШИНТЕРИ“ ВО ЛОВ НА “МАЛИГНИ АКТЕРИ“      

Но, откако Џејмс Рубин најави борба против дезинформациите и против “малигните актери“ кои ги шират, не смееме ниту една информација да ја земаме здраво за готово. Па така, како вистински “фактчекер“, пребарував надолж и попреку.

За да не бидам “заловен“ од вистинољубивите медиумски “шинтери“, кои откако “шинтерските“ мрежи ги добија како техничка помош од НАТО; од своето седиште што им се наоѓа во грандиозните простории на ГУГЛ, што се наоѓаат во Визбегово или не знам точно каде; потпомогнати со нешто пари од оние 760 милијарди долари што Владата ги даде за справување со кризата; користејќи бесплатна електрична енергија за своите компјутери од фирмата на синот на Талат Џафери, за што МЕПСО (во име на вистинските информации) му прости неколку милиони евра; седнаа во електричните автомобили произведени во фабриката во Тетово и, по новите 1.600 километри туку што асфалтирани патишта, тргнаа во лов на “малигните актери“ што шират дезинформации, го пронајдов следново (можеби наведеново за ГУГЛ, за простените милиони, за електричните автомобили, за новите патишта и не е тошно, но не стасав да го проверам):

Текстот кој некој го објавил за “ѕверот, нечовекот и предизвикувачот на туѓи страдања; текстот во кој се говори дека претседателот неуставно предложил и наредил воена агресија; текстот во кој се говори за убиени цивили, разурнати домови, училишта, медиумски куќи, уништени железнички пруги и патишта; текстот кој тврди дека се користени касетни бомби и бомби со осиромашен ураниум…“ да ти бил, всушност, текст за “демократот“ Бил Клинтон, претседател на САД, кој нареди и реализира воена агресија врз суверена држава со наведените резултати, а подоцна, во 2013 година беше, заради овие свои достигнувања, навистина предложен за Нобелова награда за мир.

Истовремено, наидов на податок дека Барак Обама, кој како 44-ти американски претседател нареди воена интервенција врз Либија, а кој, според сопствено признание, токму тој свој потег го смета за најголема грешка во својата политика, дури и не само што беше кандидиран, туку е и добитник на Нобеловата награда, токму за мир.

Толку околу нобеловите награди.

Сега збор два за “медиумските шинтери“, за оние кои со помош на САД и НАТО ќе ги ловат “малигните актери“.

Конечно, покрај “физичките евнуси“ кои го чуваат харемот на султанот од Вашингтон, а кои егзистираат веќе 74 години (WE ARE NATO “рамноправните“ членки), се појавија и “ментални евнуси“ во вид на “медиумски вистинољупци“, кои треба да ја чуваат чистотата на информацијата на султанот од Вашингтон. Тоа се “медиумските шинтери“ кои ќе треба да го заловат секој што ќе се обиде да ја извалка чистотата на информацијата која тие ја сервираат и, како вистински “шинтери“, на така заловените, да им закачат жолта значка на увото. Нешто слично на хитлеровата жолта ѕвезда за да може полесно да се препознаваат “малигните“, оние што шират дезинформации.

Инаку, во времето на Енвер Хоџа, ваквите “медиумски шинтери“ ги нарекуваа политкомесари и се грижеа, како и овие денес, за чистотата на сервираната информација а во име на “демократијата“.

И, како во дилемата за кокошката и јајцето, ми се наметна размислата дали политкомесарите на Енвер Хоџа или “медиумските шинтери“ на Џејмс Рубин се постари.

Колку да знам кому “да му се поклонам“.

(авторот е претседател на МААК)