Македонскиот кардиолог и алпинист, проф. д-р Сашко Кедев, утрово со уште 10 планинари, се искачи на врвот Нанга Парбат (8.125 м.) на планинскиот масив Каракорум во Пакистан, објави Непал њус.
Утрово во 10:40 часот, по локално време, тим од петмина алпинисти од повеќе земји, како и петмина непалски шерпаси, успешно се искачија на врвот, кој е деветтиот највисок во светот.
По Нанга Парбат, Кедев со истиот тим ќе се искачи и на GI и GII (Гашербрум 1 и 2), два други врва во Пакистан повисоки од 8.000 метри, а потоа тимот ќе учествува и во експедицијата на К2 (8.611 м.) – вториот врв по височина во светот.
Кедев ги има освоено највисоките врвови на сите седум континенти, меѓу кои и Монт Еверест, во 2009 година, во 2021 го искачи и врвот Манаслу, (8.156) метри е осмиот највисок планински врв на планетата.