„Табу тема е да доаѓа психијатар тука и да разговара со мајките. Лично мислам дека на сите нас ни треба психијатар, во современото живеење, како совет, не како терапија“.
Ова го истакна директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, по обидот за самоубиство на родилката.
-За жал пациентката е во многу критична состојба, сега зборував со директорката на КАРИЛ која е во моментов дежурна. Пациентката не сакала да го дои бебето, била лесно вознемирена, но тоа не е првпат да се случува. Зборувавме со директорот на психијатрија да доаѓа некој лекар оттаму еднаш неделно за почеток за да разговара со мајките, но не знам како ќе го прифатат пациентките. Многу пати пациентките се повредени кога им велиме да разговараат со психолог, изјави д-р Викторија Јовановска.
Триесет и девет годишната родилка била донесена во 36-та недела од бременоста. Било констатирано дека се работи за предвремено одлепување на постелката што ги загрозувало и мајката и детето и затоа била однесена во породилна сала и за 14 минути била породена со царски рез. Бебето е во добра состојба.
Пациентката во петокот и вчера се пожалила на вознемиреност и извршен бил разговор со клинички психолог. Ноќта околу 21:30 часот пациентката преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат.