Во Албанија денеска почнува една од најзначајните статистички операции, пописот на населението и домаќинствата, на кој за првпат дадените одговори попишувачите ќе ги внесуваат во електронски уреди- таблети.
Како што соопшти Институтот за статистика, ИНСТАТ, навреме се преземени сите потребни подготовки и се очекува истиот да заврши во предвидениот рок од шест седмици.
– Оваа целосно техничка активност ќе даде преглед на моменталната состојба на населението во Албанија, вклучувајќи ги социјалните, економските аспекти, демографските движења и многу други податоци, кои јасно ќе ни покажат како и каде живеат граѓаните на Албанија во 2023 година. Примете ги попишувачите и слободно по своја волја и убедување дадете реални одговори, порачаа од ИНСТАТ.
Додаваат дека пописот е најважната статистичка операција во државата, а врз основа на добиените податоци институциите ќе можат правилно да ги планираат интервенциите и услугите потребни за жителите.
– Кога попишувачите ќе тропнат на вашата врата, отворете ја и одговорете на поставените прашања. Имате право да видите дали точно е запишано она што сте го одговориле, порачуваат од Институтот.
И премиерот Еди Рама деновиве ги повика граѓаните, гарантирајќи дека пописот се спроведува според европските стандарди.
Повик слободно да се изјаснат за етничката и верска припадност и мајчин јазик, упатија до припадниците на малцинствата нивните друштва и здруженија, а до сите граѓани и муслиманската верска заедница, православната и католичката црква.
Пописниот формулар содржи 100 прашања а само за три, етничка и верска припадност и јазик, одговорот не е задолжителен.
Во оваа активност се вклучени над 7000 попишувачите и инструктори а пописот земјата ќе ја чини 6,4 милиони евра.
Ова е 12-ти по ред попис, од кога Албанија е прогласена за независна држава во 1912 година и се случува 100 години по првиот попис, спроведен во 1923 година. Последниот попис во земјата беше во 2011 година. Планираниот, за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19 а минатата година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен“.
Првичните резултати, според ИНСТАТ, ќе бидат објавени во јуни идната година.
Како што пишувавме деновиве во тридневна посета на Република Албанија престојуваше официјална бугарска делегација предводена од потпретседателката Илијана Јотова, која спроти пописот отвори училиште на бугарски јазик и промовира книга „Бугари во Албанија“, на што остро се спротивставија Македонците во Албанија за обиди за нивна асимилација.