Страшо АНГЕЛОВСКИ
Иако одамна си ветив дека нема повеќе да пишувам за двојните стандарди на “меѓународната заедница“ и нивната уништувачка улога во се’ она што ни се случува нам, но и на светот, невозможно е да не се осврнам на лицемерно лажните зборови на Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, кој при посетата на “нашава земја“ изјави дека, замислете, “НАТО ги штити слободата, демократијата и СУВЕРЕНИТЕ ПРАВА НА НАРОДИТЕ САМИ ДА ЈА ОДРЕДУВААТ СВОЈАТА СУДБИНА“.
До него Славјанка, случајно затекната тука, жена која ќе остане запаметена по “одлучувачката помош“ со која ја спаси Украина од воен пораз, пред него куп “експерти“ и “новинари“ и, сите, со академско климање со главите се восхитуваат и ги потврдуваат неговите зборови. Па, да се запраша човек, дали тој, адмиралот, “се прави на будала“, дали Славјанка и сите присутни “се прават на будали“, или, сите заедно сакаат нас, нормалните, просечни умови, да не направат будали?
Па, не навлегувајќи во случаите кога ги бомбардираа Србија, Ирак, Сирија, Либија… со што ги “штитеа“ суверените права на тамошните народи сами да ја одредуваат својата судбина (ова адмиралот да им го објасни на семејствата на оние кои загинаа од НАТО бомбите), ќе го запрашам адмиралот и климоглавците околу него дали се сеќаваат на она што се случуваше пред само пет години, овде, во Македонија?
ДАЛИ СЕ СЕЌАВАТЕ…?
Дали се сеќавате на секојдневните притисоци на НАТО претставниците, но и на посетите на сите можни политичари и политичарчиња на Република Македонија со нивните притисоци, уцени и закани кон македонскиот народ, за да прифати промена на името на државава и бришење на сопствениот идентитет заради прием токму во тоа НАТО? Дали се сеќавате дека, токму според вашиот, денес промовиран, принцип, македонскиот народ на референдумот, кој беше неуспешен, го искористи своето суверено право сам да ја одреди својата судбина, не прифаќајќи промена на името заради влез во воената алијанса, а дека токму вие, сурово го поништивте сувереното право на македонскиот народ, погазувајќи ги резултатите од референдумот? Дали се сеќавате дека со тоа го погазивте “принципот“ кој денес лицемерно го промовирате за “суверените права на народите сами да ја одредуваат својата судбина“?
И, бидејќи ниту се сеќавате, ниту сакате да се сеќавате, а вашите зборови се, најблаго речено, навреда на здравиот разум, морам да Ви порачам – не, адмирале, Вие не само што немате право во името на најмилитантната организација на земјинава топка, да зборувате за слобода и демократија, уште помалку за суверените права на народите, а најмалку за некаква ваша заложба во нивна заштита,туку немате право и понатаму да ја лажете целокупната светска јавност за целите и принципите на вашето се’ помилитантно постоење.
Имено, вашето НАТО не постои заради она што лажно го наведувате, туку заради воена поткрепа на хегемонистичките, империјалистички и неоколонијалистички заложби токму на вашиот наредбодавач, пред кој, за жал, сите коленичите, воено-индустрискиот комплекс на САД и неговата длабока држава.
ЕУ И ДВОЈНИТЕ СТАНДАРДИ
И, додека трае невидениот притисок врз Македонија и македонскиот народ за уште една самоубиствена отстапка, втора промена на Уставот во само пет години за потребите на големите европски сили, првиот пат според диктат од Атина, а сега според диктат од Софија, заради започнување на преговорите за влез во ЕУ, се случува нешто многу чудно.
Имено, деновиве, кралството Монако ги прекина преговорите со ЕУ бидејќи не можело да премине преку црвените линии кои принцот Алберт ги воспоставил во 2015 година при почетокот на преговорите. И, видете чудо, ниту еден европски политичар не се загрижи за судбината на “кутрите“ жители на Монако кои, без членството во ЕУ ќе останат изолирани, ќе останат без европска иднина, ќе останат неинтегрирани во “елитниот цивилизациски клуб“. Па, ниту еден европски политичар не замина во Монте Карло да ја притиска и да и се заканува на тамошната власт, да премине преку црвените линии, да ги прифати ЕУ уцените заради доброто на своите граѓани. Ниту пронајдоа барем еден руски шпиун и руско влијание во Монако.
За да биде уште поинтересно, Норвешка и Исланд се уште двете европски држави кои се повлекоа од преговорите за влез во ЕУ. Ниту врз нив се врши каков и да е притисок, ниту некој им се заканува, ниту доаѓа специјален пратеник дури од САД за да им објасни колку е добро за нив да се евроинтегрираат. А тие, сведоци сме, “во целосна изолација, без ЕУ стандардите, полека но сигурно пропаѓаат на секое поле. Па, не се знае кој е посиромашен и поизолиран, Норвешка, Исланд, или Монако“?
Па, се поставува едно логично прашање – со што ние, граѓаните на Република Македонија “заслуживме“ олкава “љубов и загриженост“ на европските и американските политичари за нашата иднина? Па тие, корумпираните послушници, со сите сили (уцени, закани, притисоци, лажни ветувања) се обидуваат нам да ни помогнат да си го пронајдеме “вистинскиот пат“ кон европската благосостојба? Дури, преку “шарена револуција“ ни инсталираа, “за наше добро“, “проевропска Влада“, која покрај изградените автопатишта, клинички центри, фабрики за електрични автомобили, патеки за Формула 1 трки и се’ друго, откако обезбеди бесплатно лекување за сите граѓани во елитните европски болници, дури и платите ќе ги покачи за, ни помалку ни повеќе, туку цели 100 отсто, само ако го прифатиме “вистинскиот проевропски пат“.
А, што пак, толку им згрешиле граѓаните на Монако, Исланд и Норвешка, што овие, европскиве мешетари, воопшто не се загрижени за нив и за нивната благосостојба, па не ги притискаат да си го пронајдат “вистинскиот пат“, туку ги оставаат да пропаднат во сиромаштија, во изолација, под отровното руско влијание… Та, зарем не заслужуваат и граѓаните на овие три држави “благосостојба“ барем колку нашата? Зарем не заслужуваат да не бидат оставени сами, во темницата на изолацијата која ќе им следи? И конечно, зарем во име на нивната подобра иднина не заслужуваат барем по една “шарена револуција“, за да добијат “проевропски Влади“ кои ќе ги извлечат од руското влијание и ќе ги поведат по “европскиот пат“, по кој, еве ние, засилено се движиме?
Да не беше премногу тажно за македонскиот народ и премногу опасно за постоењето на македонската држава, прашањава кои ги наведов ќе требаше да не’ насмеат. Вака, треба само да не отрезнат и да не обединат во согледувањето на вистината за подмолната игра околу македонското постоење, подмолна игра, покриена со двојните стандарди и со безобразните лаги на корумпираните политичари.
Во контекст на сето наведено, ќе цитирам неколку збора од обраќањето на претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо, на седницата на Генералното собрание на ООН, деновиве, кој рече – “Голем дел од Европа и САД се изградени од огромното богатство собрано од пот, солзи, крв и ужаси на трансатлантската трговија со робови и вековите на колонијална експлоатација“.
Заради сето тоа, бидејќи станува очигледно дека духот на слободата се буди во целиот свет, на крајот едно добронамерно предупредување – само, внимавајте, да не би да го разбудите духот на Гемиџиите и на Владо Черноземски!
(авторот е претседател на МААК)