Страшо АНГЕЛОВСКИ
Бидејќи сите ние имаме право да знаеме што се случува околу нас, а во последниот текст, во врска со терористичкиот напад во Москва, само загатнав за операцијата Гладио (италијански: Operazione Gladio), денес, онолку колку што е најкусо можно, ќе ја презентирам вистината за оваа операција и, за Гладио терористичките единици.
Имено, операција Гладио е името на планот за субверзивни активности кои, во времето на Студената војна, под покровителство на НАТО, ги подготвувала италијанската влада, а заради сузбивање на влијанието, или дури евентуална инвазија на тогашниот Советски сојуз, врз земјите членки на НАТО. Според планот, најпрво во Италија, а потоа и во сите држави членки на НАТО, од страна на нивните “длабоки држави“ се формираат (stay-behind) паравоени, терористички организации, насочени против СССР, но и неговите приврзаници во сопствените држави.
Операцијата, а и терористичката единица, го добива името по латинскиот збор “gladius“, што, во стариот Рим претставувал краток меч, како исклучително ефикасно оружје на римската војска. Постоењето на овие Гладио терористички организации официјално го признал тогашниот италијански премиер Џулио Андреоти, во 1990 година, откако станало јасно дека нивните припадници вршеле дискредитации и физички ликвидации на сите организации и поединци за кои постоел и најмал сомнеж дека се просоветски (проруски). Нормално, со терористички акции под “лажно знаме“, за да може да биде обвинет некој сосема трет.
Со еден збор, терористичките единици Гладио, преку операцијата Гладио, секогаш обвинувајќи некој друг, се користеле во сопствените држави, против сопствените граѓани, од страна на сопствените влади, во битката против тогашниот СССР и неговото влијание, без оглед на невините жртви.
ТЕРОРИСТИТЕ ОД ДЛАБОКИТЕ ДРЖАВИ
На 2 август 1980 година, масовна експлозија ја разнела чекалницата на железничката станица во Болоња, при што загинале 85 луѓе, а стотина биле повредени. Нормално, биле обвинети “Црвените бригади“. Десет години подоцна, во 1990, после признанието на тогашниот италијански премиер, Џулио Андреоти, станало јасно дека нападот бил организиран од “длабоката држава“ на самата италијанска влада. Природата на оваа паралелна држава била откриена со откривањето на нејзината тајна терористичка организација – Гладио. Во нејзиниот состав влегувале стотици лица не само од разузнавачкиот, воениот, владиниот, медиумскиот, црковниот и корпорацискиот сектор, туку и збир од фашисти, психопати, криминалци…
Со натамошните истражувања се докажало дека вакви Гладио единици има формирано секоја европска НАТО држава, односно нејзината “deep state“ и, дека трагите на секоја од нив водат до Соединетите Американски Држави и ЦИА.
Благодарение на истражувањата на новинарот Пол Вилијамс (Paul L. Villiams), објавени во неговата книга “Операција Гладио: нечесен сојуз на Ватикан, ЦИА и мафијата“, ние денес имаме целосно сознание за оваа лавиринтска мрежа на “длабоката држава“.
ЦИА, ВАТИКАН И МАФИЈАТА
На почетокот, вакви терористички единици формирал Рајнхард Гален, шефот на германската разузнавачка служба за време на Втората светска војна. По нејзиното завршување, Канцеларијата за стратегиски услуги на САД (OSS, претходник на CIA), под водство на Вилијам Донован, го ангажирала Гален и СС генералот Карл Волф и ја формирала организацијата која подоцна прераснала во денешната БНД, финансирана од разузнавачките ресурси на американската армија Г-2. Следен е италијанскиот Гладио во специјален камп на Сардинија, под раководство на фашистичкиот активист, принцот Junio Valerio Borghes.
И, започнуваат првите терористички акции. Прва, убиствата на илјадници комунистички активисти во Италија во 1948 година, под раководство на ЦИА (CIA во 1947 година ја заменува OSS) за да не може италијанската комунистичка партија да дојде на власт. Следуваат воените удари во Турција во 1960 и 1980, воениот удар во Грција во 1967, убиството на Алдо Моро во 1987 и уште околу 14.000 терористички акции изведени од единиците Гладио, под раководство на ЦИА.
И сега, ваквите терористички акции, нормално, бараат многу средства. Откако првичните 200 милиони долари (од Rockefeller и Mellon фондациите) се потрошиле, моќната ЦИА брзо и лесно наоѓа решение – производство и дистрибуција на дрога под нејзино раководство и во изведба на мафијата, за лесни и брзи пари. Па, се воспоставува врска меѓу разузнавачките служби и организираниот криминал, која извонредно добро функционира и денес. На почетокот, ЦИА, во врска со Куоминтанг (КМТ, кинеска национална армија насочена против Мао Це Тунг и комунистичка Кина), работи на производство и дистрибуција на опиумот, за потоа, преку “Француската врска“ да ги преплави улиците на американските градови со хероинот од Виетнам.
Ова, во целост ја открива нехуманата и антицивилизациска природа на ЦИА, уништување на сопствените граѓани со контролираната продажба на дрога и, уништување на граѓани на таргет држави, преку од нејзе создадени терористички единици, со терористички акции. Во обата случаи, жртви се невини граѓани по случаен избор.
ПАТОТ НА ПАРИТЕ ВОДИ ПРЕКУ ВАТИКАН
Но, во синџирот на организацијата – дрога – оружје – терор, на ЦИА и се појавува проблем – како да се “исперат“ парите за да бидат исплатени и мафијашите и терористите?
Бидејќи во член 2 од Латеранскиот договор меѓу државата Италија и Светата Столица од 1929 година јасно стои дека италијанската држава на никаков начин не смее да се меша во внатрешните работи на Ватикан, изборот паднал на Институтот за религиозни работи (IOR), односно, Ватиканската банка.
Основана од страна на папата ПИЕ XII и Бернардин Ногар во времето на Мусолини, во 1942 година, Банката, многу брзо ќе почне да се користи како повоен магацин за сицилијанската мафија и ЦИА, каде што ќе бидат “испрани“ сите документи што се однесуваат на трговијата со дрога и финансирањето на Гладио.
Првите 65 милиони долари, ЦИА ги уплаќа во Ватиканската банка во 1948 година. Тоа се средства од хероинот, произведен од италијанскиот фармацевтски гигант СКАПАРЕЛИ, преку Куба, од страна на италијанската мафија, дистрибуиран во Њу Орлеанс, Мајами и ЊУ Јорк. Потоа започнува соработката и со корзиканската мафија, па хероинот се движел преку Бурма, Турција, преку Бејрут до Марсеј.
Бидејќи потребите за “испрани“ пари вртоглаво растеле, Мајк Синдоне, човекот кој бил главниот финансиски советник на италијанската мафија, агент на ЦИА и, интимен финансиер на Светата Столица, ја отвара Banca Privata Finanziaria (BPF), а недолго потоа Роберто Калви ја отвара и славната банка Амбросиано и воспоставува низ од осум компании (шест во Панама и две во Европа), низ кои, господарите на дрогата, како Пабло Ескобар, ги распоредувале огромните средства.
Колку за пример – во 1978 година, по смртта на папата Павле VI, неговиот наследник Јован Павле I, откако ги прегледал сметките на Ватиканската банка објавил “повик на реформи“. Утредента е најден мртов, неговата аутопсија е оневозможена , а неговите лични документи исчезнале.
И, да не должам, операцијата Гладио “официјално“ е прекината на крајот на осумдесеттите години од минатиот век, но, не треба да се биде многу паметен за да се разбере дека начинот на работа на ЦИА и тероризмот, а под “лажно знаме“, останува ист. Некои нови Гладио единици (Ал-Каеда, Хезболах, Исис, ОНА и ОВК, Полк Азов…) штедро се финансираат од ЦИА заради, како што вели Вилијамс “уривање влади, масовни колежи и финансиски разурнувања“.
На почетокот, спрегата на ужасот од дрога и тероризам, воспоставена од ЦИА, се користела во борба против “советското влијание“, а за воспоставување униполарен свет под брутално водство на САД. Денес, таа спрега, само многу поужасна, побрутална и покрвава, се користи против “руското влијание“, “кинеското влијание“ и за зачувување на веќе распаднатиот униполарен свет.
Значи, завртете се околу себе и ќе видите дека тероризмот финансиран со продажба на дрога има име – името му е ЦИА.
(авторот е претседател на МААК)