Страшо АНГЕЛОВСКИ

Човекот кој себе си, а и целиот слободоумен свет, го нарекува “човек на мирот“, Доналд Трамп, после повеќе од 130 години направи нешто што, во меѓувреме, во американската историја, не му успеа никому. После еден пропуштен мандат, повторно, резултатски, се врати во Белата куќа. Велам, резултатски, бидејќи убедливо победи на тукушто одржаните избори, но, дали навистина ќе се врати како нов претседател на САД, ќе видиме. Зашто, современиот марксистички болшевизам, кој милува да си се нарекува “либерализам“, е непредвидлив во својата подготвеност да стори се’ за да остане на власт.

Тоа, впрочем, веќе го докажа со обидите на сите можни начини да ја спречи кандидатурата на Трамп, а, откако не успеа, бевме сведоци на два, можеби и три, неуспешни атентати врз него. Оттука, светот со право е уплашен од деновите што следат до преземањето на власта во САД од страна на победникот на изборите – најпрво, заради внатрешните случувања во САД, каде веќе започнаа протести против Трамп, полни со омраза, лаги и конструкции и, случувањата во светот, каде, можеби постојат сили подготвени да ги искористат овие денови на, условно наречен, вакуум во американската власт.

ШТО ДОНЕСОА ИЗБОРИТЕ ВО САД

Изборите, иако “либералните“ медиуми и рејтинг агенции, лажно го претставуваа расположението во гласачкото тело, со најава за можна победа на Камала Харис, донесоа малку неочекуван резултат во сосема спротивен правец – убедлива победа на Републиканците на два фронта – претседателските избори и, изборите за Сенатот на САД. Со тоа, имајќи го веќе мнозинството во Конгресот, Трамп, за разлика од својот прв мандат, во наредните две години (кога ќе се одржат изборите за Конгресот), има можност за целосна реализација на она што го ветуваше, а што мнозинството Американци го препознаа како своја потреба.

Изборите донесоа пораз на Демократската партија, како отуѓена либерална елита, која секојдневно бегаше од работничките проблеми, од средната класа, од сиромашните и немоќните, па, тие, на денот на изборите “побегнаа“ од оваа отуѓена “елита“ и се свртеа кон Трамп кој цело време говореше токму за нивните економски проблеми.

Донесоа пораз на целосната посветеност на таа отуѓена елита кон малцинските групи, а незаинтересираност за проблемите на просечниот американец како мнозинство, кој за нив постои само како нужно зло, а не како еден од нив.

Донесоа пораз на политиката која, наспроти тезата на големиот филозоф Жан Жак Русо, дека “слобода не е да правиш се’ што сакаш, туку да не го правиш тоа што не го сакаш“, се однесуваа токму спротивно – секој во САД и во светот да мора да го прави токму тоа што не го сака, затоа што, тие сметаат дека треба да го прави.

Изборите донесоа враќање на државата во рацете на граѓаните, бидејќи, една држава е голема само кога е во рацете на народот, а не во рацете на една отуѓена неморална елита. А, токму Трамп се бореше под мотото “Да ја направиме Америка повторно голема“, односно, “да ја вратиме Америка во рацете на американскиот народ“.

Изборите, конечно, донесоа “адреса“ за американската власт. Адреса на која ќе се наоѓа човекот кој ќе ги носи и спроведува одлуките, човекот, кој во име на САД ќе ја води американската надворешна политика и ќе соработува со светските лидери, за разлика од досегашниот период во кој адресата на власта се наоѓаше некаде длабоко во длабоката држава, а не во Белата куќа.

Изборите, според резултатите, донесоа и потврда дека на изборите во 2020 година, онака како што тврдеше Трамп, Бајден победил со гласови криминално додадени на неговото конто. Имено, Камала Харис, сега, добила 13 милиони гласа помалку отколку Бајден пред четири години. Но, вистината е дека Харис доби гласови колку што и Бајден во 2020-та, а разликата од 13 милиони гласови, кои денес недостасуваат, се, всушност, дотурените гласови преку пошта и на сите други начини, за Бајден пред 4 години.

РЕЗУЛТАТИТЕ ГИ ПЛАШАТ “ЛИБЕРАЛНИТЕ ЕЛИТИ“

Веќе утредента, после победата на Трамп, германскиот канцелар Олаф Шолц, на власт со едвај дваесеттина проценти поддршка и, францускиот претседател Емануел Макрон, кој во моментов има поддршка од 23 проценти, инсталирани на власт преку постизборен инженеринг, имале телефонски разговор во кој се договориле “да ги штитат европските вредности“, најверојатно, од новата американска власт. Суштината се наоѓа во нивниот страв за губењето на позициите на кои се инсталирани, и фразата “заштита на европски вредности“ може да се замени со “заштита на сопствените позиции“.

Истовремено, досегашниот претседател Бајден, лично ќе барал од Трамп продолжување на помошта за Украина, загрижен за сигурноста на Европа. Тоа докажува две работи – прво, неговата превртена логика дека војната, а не мирот, е гарант за сигурноста на Европа и, второ, дека Бајден е загрижен за сигурноста на неговите корумпирани инсталации кои се наоѓаат на чело на ЕУ и на чело на поголемиот дел европски држави, а не за сигурноста на граѓаните во европските држави.

Инсталираниот претседател на Украина, кој патем, е веќе нелегитимен бидејќи мандатот одамна му е истечен, уплашен за својата до врв корумпирана власт, инсистира на уште и уште помош за да ја продолжи војната до бескрај. Посебно уплашен после вчерашната објава на синот на Трамп, Доналд Трамп Јуниор, со пораката на социјалните мрежи до Зеленски, во која му вели дека “уште 38 дена и ќе сопре џепарлакот за него“.

И конечно, можеби најуплашени се оние од дувлото на неморалот, на вулгарноста и блудот, оние кои тој неморал преку “уметноста“, преку филмот и музиката, го наметнуваа низ целиот свет – неуморните холивудски промотори на декаденцијата, неморалот, уништување на младите, на семејството, на традициите… па, најавуваат и свое отселување од САД.

На крај, уплашени се сите оние кои живеат од маката на милионите нелегални мигранти; сите оние кои, како малцинска “елита“, владеат со мнозинството од народот кој полека се буди; уплашени се дел од оние кои вршат геноцид во Газа; оние кои живеат за војните и од војните, па мирот е вистинска ноќна мора за нив; уплашени се сите кои на кој и да е начин учествуваа во уништување на моралните вредности, во уништување на децата преку воук вирусот и лгбт идеологијата, во уништување на семејствата и нивната иднина…

Од друга страна, задоволни и полни со надеж се сите луѓе ширум светот кои сакаат да си ги задржат традициите и традиционалните вредности, да го сочуваат моралот, да си ги зачуваат децата, семејствата и нацијата, сите оние за кои мирот е благодет за човештвото, а не само состојба меѓу две војни, како за либералните елити.

Сите оние за кои сопствениот интегритет и достоинство и суверенитетот на нивната нација и држава се приоритет; сите оние кои посакуваат победа на доброто над злот, на светлината над темнината.

Победата на Трамп ја заживеа токму таа надеж – вечната надеж во подобро утре.

(авторот е претседател на МААК)