Страшо АНГЕЛОВСКИ
На прв поглед насловот на текстов изгледа шеговито и неповрзано. За жал, станува збор за премногу сериозен момент во кој, како во режирана едночинка, живееме, а, во едночинката, главни јунаци се Рада (Радмила Шеќеринска), Биби (Бенјамин Нетанјаху), Џо (сенилниот Џозеф Бајден, претседател на САД во заминување), НАТО (првично замислена како воена организација за окупација на Германија) и, “Орешник“, “лешник“, на македонски јазик (хиперсонична балистичка ракета со среден дострел).
РАДА
Да почнеме со Рада (Радмила Шеќеринска), која пред некој ден, од генералниот секретар на НАТО, доскорешниот премиер на Холандија, Марк Руте, кој со својата посета на Македонија ден пред закажаната седница на парламентот, сокривајќи еден пратеник, директно влијаеше на гласањето за доверба на владата на Заев во 2021 година, беше назначена за негов заменик. Многумина го поздравија ова и се обидоа да го претстават како голем успех за Македонија.
За жал, вистината е сосема поинаква.
Бришењето на идентитетот на македонскиот народ и промената на името на државата се превисоката цена која ја плаќаме заради задоволување на личните амбиции на поединец кој, како платеник на соросовата фондација, ја организираше и учествуваше во таканаречената шарена револуција. И, можеби нејзиното назначување е успех за оние кои ја уриваа државата, но, секако, е пораз за македонскиот народ кој, во огромно мнозинство, им се спротивстави.
Со нејзиното назначување, се испраќаат три јасни пораки:
– Балканот, кој, за среќа, за прв пат во историјата се најде понастрана од воените случувања во светот (за разлика од Првата и Втората светска војна), барем симболично, ако не и ефективно, добивајќи го вториот човек на НАТО, воена организација која, за жал, е активно вклучена во сите моментални воени судири, повторно е исфрлен на “линијата на огнот“.
– На членовите на илјадниците соросови “невладини“ организации, кои токму во моментов изведуваат “обоени револуции“, со тенденција да прераснат во “Евромајдан“, во Грузија, Абхазија, Молдавија и Србија, им се испраќа јасна порака како ќе бидат наградени доколку успеат во уништувањето на сопствените држави.
– На светот му се испраќа порака дека и меѓународното и националното право се мртви. Имено, со ова назначување, “меѓународната заедница“ го легитимира политичкиот криминал и политичкиот апартхејд, кога едно политичко малцинство во Република Македонија криминално ја поништи волјата на мнозинството македонски граѓани изразена на референдум (највисок степен на демократско изјаснување) и, спротивно на нивната волја изврши бришење на идентитетот на македонскиот народ и промена на името на државата заради, повторно спротивно на јасно изразената волја, да ја внесе државава во НАТО.
Значи, со ова, се легитимира политичкиот криминал и политичкиот апартхејд, спротивно на државниот правен систем, се легитимира беззаконието, се легитимира газењето на меѓународното право, па, посебно се несфатливи честитките на оние кои себе си се сметаат за легалисти и почитувачи на правото.
БИБИ
Бенјамин Нетанјаху, Биби, ционистички премиер на Израел, човек кој преку AIPAC ( The American Israel Public Affairs Committee), двопартиската израелска лоби група во САД, од Американската држава создаде втора ционистичка држава и контролира повеќе од 80 проценти конгресмени и сенатори во САД.
Нетанјаху, веќе една година, како одговор на ѕверската терористичка акција на Хамас, која мора да биде најжестоко осудена, врши вистински геноцид врз невиното цивилно население во Газа, уништувајќи училишта, болници и бегалски кампови, убивајќи медицински и хуманитарни работници. Човекот кој, секоја осуда на неговото ционистичко дивеење го подведува под терминот антисемитизам, па не го признава Кривичниот суд на правдата и ООН, чиј генерален секретар го прогласи за непожелен во Израел.
Со тоа, Нетанјаху, пред себе го распосла меѓународното право и од него ги брише своите крвави воени чизми.
ЏО
Џозеф Бајден, американскиот претседател во заминување кој, сега е веќе јасно, преку својот син Хантер, учествувал во огромен коруптивен скандал во Украина. Човек за кого, за жал, мирот е само состојба меѓу две војни, човек кој, наместо дипломатски претставници, испраќајќи се’ поопасно и поопасно оружје, врши перманентна ескалација на војната во Украина, кој на сите начини ги минираше сите веќе започнати, па дури и завршени договори за мир.
Човек кој во своето поодминато сенилно секојдневие се владее според делото на лудиот Нерон, кој, додека гледал како гори Рим кој, според легендите, наредил да биде запален, свирел на својата лира.
Конечно, човек кој прв јасно кажа дека меѓународното право е мртво, дека тој смее да го гази и поништува и, дека светот треба да се владее според правила – нормално, оние кои тој ги пишува, свирејќи на својата лира.
НАТО
Воена организација создадена само една година откако Белгија, Холандија, Луксембург, Франција и Обединетото Кралство, во 1948 година ја формираа таканаречената Берлинска блокада, како западноевропски одбрамбен сојуз, со што САД ставија рака врз независната европска безбедносна архитектура.
Развивајќи се како “гарант на мирот“ во Западна Европа од можна агресија на Варшавскиот пакт, после неговото распуштање, НАТО станува анахрона организација, која повеќе не му служи на мирот, туку на војната. Служи како тврда агресорска сила во воспоставувањето на американската “мека моќ“.
Денес, со воспоставувањето на мултиполарниот свет кој за прв пат профункционира деновиве на самитот Г-20, каде на заедничка маса се најдоа земјите од Г-7 и земјите од БРИКС, кога е повеќе од јасно дека светот, полека но сигурно, ќе се врати кон меѓународното право кое одново ќе биде испишано и, ќе се изгради нова светска безбедносна архитектура, распуштањето на НАТО, како оружје за “отстрел“ на меѓународното право, е само прашање на време. Зашто, во новата светска безбедносна архитектура, ќе нема место за агресорски воени организации.
“ОРЕШНИК“
Малку парадоксално, но, едно ново, тукушто испробано оружје врз огромен Завод за производство на ракетна опрема, хиперсоничната балистичка ракета со среден дострел, можеме да ја наречеме “предвесник на мирот“. “Орешник“, или, лешник, на македонски јазик, е можеби последниот крик пред да ја изгасиме последната сијалица после можна нуклеарна војна.
После упорното подигнување на нивото на ескалација на војната во Украина, со испраќањето се’ помоќно оружје од страна на САД и сојузниците, и започнувањето напади длабоко на територија на Руската Федерација, како некој да сакаше да предизвика руски нуклеарен одговор.
Токму затоа, промоцијата на ова оружје кое, според зборовите на рускиот претседател Путин, до која и да е европска и светска метропола, или која и да е точка на земјината топка, може да стаса за помалку од 20 минути, а притоа, не постојат системи кои може да го спречат или уништат, е последната надеж дека ќе се изладат “западните“ вжештени глави, дека ќе се заборави на оружјето и, ќе му се даде шанса на мирот.
Мораме да разбереме, дека и најнеправедниот мир е подобар и од најправедната војна, дека еднаш воспоставениот мир понатаму може да се надградува и, дека во услови на добра волја и желба за светски мир, еден ден и евентуалните неправди може да се исправат.
Оттука, чинам дека секој нормален човек посакува да не биде истрелан повеќе ниту еден “Орешник“, а овој, веќе истреланиот, да биде навистина предвесник на мирот. А потоа, потоа враќање кон меѓународното право, испишано од разумни и посветени светски лидери, како гаранција токму на тој толку посакуван мир.
(авторот е Претседател на МААК)