Дарко ЈАНЕВСКИ

Првата хистерија беше за време на престојот на Мицкоски во Вашингтон на инагуарацијата на Доналд Трамп. Ха, тоа не беше ни хистерија, туку мултиплицирана трескавична паника, која им ги потеше телата и им ги тресеше рацете, нозете и лицата, па реки пена од комуњарските усти потекоа низ Македонија, докажувајќи нешто што не се докажува. Ама ај, си велиш, остај ги. Тоа им е работа. Нека се пенават.

Сега отприлика еден месец по таа хистерија и паника, се соочуваме со втората, третата или четвртата офанзива. Како оние на Сутјеска и Неретва. Мицкоски повторно е во Вашингтон, ама сега не е проблемот во тоа, туку не чинеле Трамп, Роберт Кенеди, Илон Маск… Иако, се чини, главниот проблем не е во тоа дали Трамп е неписмен, туку во парите од УСАИД, од американското чекмеџе, кое, барем засега, ги извисува комуњарските медиуми. Никако да им стане јасно дека тие беа одбрани и употребени како корисни идиоти за време на Шарената револуција со цел да се смени името на Македонија и сега тешко се помируваат со тоа. Не е до УСАИД, не е до Трамп, до Кенеди и Маск, туку до парите и до фактот што не можат да се помират со тоа дека ја носеа Катица Јанева на маици (дека за неа велеа „а таа осамена против сите, со нејзината раскошна насмевка и со совршената гевгелиска појава, како некаква Глорија од ангелските песни за раѓањето на Исус…“), дека послужија како отпушок од цигари, како книжни марамчиња во кои е издуван носот, како употребен презерватив… и дека нивната употребна вредност заврши.

Додуша со Бајден или Камала Харис ќе живееја, ама ете од каде испадна и Трамп неписмен, испадна расист, арогантен и што ли уште не. Ги замрзна, барем привремено, парите, ја укина трансродовата идеологија, не дава машки лица да учествуваат во женски спортови, ја укина поразителната шема на „родител 1“ и „родител 2“ наместо мајка и татко, тука е и Кенеди кој не дава малолетни деца да се вакцинираат со мНРА вакцините против КОВИД за кои се докажа дека предизвикуваат срцеви проблеми, а бустерите можат да доведат дури и до рак, кој има намера да поведе војна против „загадувачите“ на хрната што ја конзумираат Американците (а за тоа му требаат парите кои се трошат низ светот), кој има намера да расчисти со тоа дека трилиони долари се трошат поради фактот што 66 отсто Американци се хронично болни (колку повеќе пари даваме, толку сме поболни, вели Кенеди), кој има намера до крај да ја истера работата со аутизмот кај децата кој во време на убиениот негов чичко, Џон Кенеди, речиси и не постоел, тука е и Венс кој буквално ги построи европските самобендисани лидери и им удри по две-три воспитни (каква разлика во однос на американскиот „комуњар“ Мајк Пенс), да не го заборавиме Марк Рубио, една сосема различна фигура од катастрофата наречена Мајк Помпео, Тулси Галбард и конечно, тука е и Илон Маск кој поим нема зошто неговата држава би земала данок од некое си средно семејство во Тексас, за да им дава на разно-разни паразити залепени на американска цицка во некоја си таму Македонија.

Е, во оваа гарнитура или во луѓето кои се за оваа гарнитура, Мицкоски најде свој пробив. Во оваа гарнитура не е на црна листа, како што беше Груевски кај Хилари Клинтон и кај Бајден. Очигледно македонската власт создаде круг на луѓе кои стојат зад тоа што го прават Трамп и неговите поддржувачи, а кои ја „играат“, ја перцепираат за жива и малата Македонија и тоа е, уште еден проблем што „северните“ загари го имаат со Мицкоски. Тие би биле среќни, наместо во Минхен на некоја безбедносна конференција на која Венс им одржа лекција на „трансродовите“ Европјани, на петлите од Европа кои би воделе војна со Русија, ама ако може Украинци и Американци да си ги бројат жртвите, Мицкоски да биде во некое македонско село или наместо во Вашингтон, тој едноставно да си седи во кабинетот на Илинденска.

Зашто вака им пропаѓа мантрата за НАТО и ЕУ, им пропаѓа мантрата за тоа дека тие се прозападни, а вмровците не се, им пропаѓа мантрата дека Македонија е изолирана, а со нив не би била.

Ха, за да биде белјата поголема, сега на сцена се типови како Такер Карлсон, а не корумпираните од Си-Ен-Ен (според Кенеди, Купер Андерсон има годишна плата од 20 милиони долари, а 75 отсто од парите доаѓаат од фармацевтските компании како Фајзер), кој нема проблем да направи интервју со омразениот од комуњарите, Виктор Орбан или уште полошо со Путин, на сцена се новинари како Меган Кели, Џое Роган… една сосема поинаква мислечка структура во САД, која не сака војна со Русија, која сака економски просперитетна Америка без бездомници, колку и да се тие процентуално малку во однос на вкупното население, додека во исто време УСАИД потплаќа т.н. новинари низ светот и во земји како Македонија.

Македонија, во која, токму тие врескачи го сведоа угледот на САД во „нашата земја“ на најниско ниво во историјата, пониско и од она време кога Џејмс Пердју глумеше тука шериф во време на војната со бандата на ОНА на Али Ахмети. Какво е ползата тогаш од таквите пудлици кои џафкаат, за да се трошат овде американски пари на нив?

А, тие, всушност би сакале, ВМРО-ДПМНЕ да биде како она ВМРО од 1990 година кога подоцна корумпираниот Георгиевски велеше дека следниот конгрес партијата ќе го одржи во Солун, кога одбиваше да состави влада со ПДП и го остави Црвенковски да ја предаде државата на денешните олигарси чии комунистички татковци беа директори (иако подоцна се виде дека вмровците на Георгиевски не се почесни од трансформираните комунисти на Црвенковски и на Киро Глигоров) и да влезе во „војна“ со САД. Тој да биде скаран со сите, за да може тие да бидат некаков си прозападен фактор во Македонија.

И сега се нервозни, им треба дневна инфузија со антидепресиви зашто тоа не е така. Зашто веќе немаат употребна вредност. Зашто ќе треба да се молат на ЕУ фондовите, на Германија, на Холандија, на Швајцарија, за да им дадат пари зашто нели, во Македонија нема медиумски слободи штом тие се странични и истрошени играчи. Зашто, нели, медиумски слободи имаше со Заев кој им беше интелектуален гуру. Дотука им стига и нивниот интелектуален капацитет. До Заев, до Муртино и до Горни Милановац. Не разбираат дека токму поради тоа беа и одбрани од УСАИД. И дека дури и УСАИД не сака цел живот да биде врзан со такви. Ги употребува, а потоа ги фрла.