Пет пациенти заздравија од реткиот вид ебола, објави денеска директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, за време на посетата на градот Бунија, во источен Конго, што се смета за центарот на епидемијата, објавија американските медиуми.
-Четири лица денеска ќе бидат отпуштени од болницата, а едно веќе беше отпуштено завчера, рече Гебрејесус за време на отворањето на нов центар за третман на ебола во Бунија, главниот град на покраината Итури.
Тој додаде дека сè уште се работи на вакцини и третмани, но тоа не значи дека луѓето не можат да заздрават од ебола.
СЗО пред два дена соопшти дека еден пациент се опоравил од вирусот Бундибугио, сој што ја предизвика сегашната епидемија на ебола, за кој нема одобрен третман или вакцина.
Според американските медиуми, тоа беше првиот документиран случај на закрепнување на пациент кај кого беше потврден сојот Бундибугио за време на актуелната епидемија.
Директорот на СЗО и денеска ја нагласи важноста на вклучувањето на локалната заедница во одговорот на епидемијата за време на отворањето на новиот центар за лекување.
„Ако дојдете во здравствени установи кога имате симптоми, можете да добиете поддршка и да заздравите, па затоа е клучно да се пријавите што е можно поскоро“, рече тој.
Гебрехесус додаде дека епидемијата на ебола може да се запре, но дека секој граѓанин треба да биде вклучен во тие напори.
„Последната порака што би сакале да ја споделиме со заедницата Итури е дека има надеж“, рече раководителот на Националниот институт за јавно здравје на Конго, Пјер Акилимали, за време на отворањето на здравствениот центар, додавајќи дека има пациенти кои заздравуваат.
Лекарот во центарот, Давин Амбитапио, рече дека веруваат дека ќе можат да ја стават епидемијата под контрола.
СЗО соопшти дека најновите официјални податоци покажуваат дека во моментов има 906 случаи на инфекција и дека 223 лица починале.
Соседна Уганда потврди девет случаи, а едно лице починало.
Во меѓувреме, „Лекари без граници“ (MSF) соопштија дека вирусот продолжува да се шири побрзо од мерките за ограничување, и покрај подобро организираните здравствени установи и новодојдените специјалисти.
MSF повикаа на итно проширување на мерките за тестирање, побрзо распоредување на хуманитарни работници и континуиран пристап до медицинска опрема.
Здравствените работници се соочија со негодување кај локалните жители поради строгите медицински протоколи за ракување со телата на жртвите, кои се во спротивност со локалните погребни обреди.
Мештаните изведоа најмалку три напади врз здравствени центри.
Нападите во Итури од страна на бунтовничката група „Сојузнички демократски сили“ поврзана со Исламска држава и коалицијата на етнички милиции, исто така, придонесоа за нарушување на одговорот на еболата.
Болеста е пријавена и во провинциите Северен Киву и Јужен Киву, јужно од Итури, каде што бунтовничката група М23, поддржана од Руанда, контролира многу клучни градови, вклучувајќи ги Гома и Букаву, потсетуваат американските медиуми.




