Заврши целосната реконструкција на Одделот за трауматологија во Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје, позната како Стара градска болница.

Станува збор за последниот поголем оддел во клиниката кој досега не бил реконструиран, а според раководството на установата, во просториите немало посериозна интервенција од 1962 година.

Во рамките на реконструкцијата целосно се заменети електричната, водоводната и канализациската инсталација, системот за парно греење и подовите. Поставени се и автоматски сензорски врати, кои треба да придонесат за намалување на преносот на интрахоспиталните инфекции.

Градежните активности чинеле околу 200.000 евра и биле финансирани од буџетот на болницата. Дополнителни 30.000 евра биле обезбедени преку спонзорства од општествено одговорни компании за набавка на нови кревети, сталаци за инфузија и друг болнички мебел.

Одделот располага со 26 кревети, колку што имал и претходно. На него работат девет хирурзи-трауматолози, а во текот на една година се изведуваат околу 1.100 оперативни интервенции.

Од раководството на болницата посочија дека состојбата со медицинскиот кадар е подобрена, но дека медицинските сестри и помошниот технички персонал и натаму се од особено значење за негата на пациентите по извршените операции.

Facebook / @VladaMK

По невремето во Скопје прегледани 22 пациенти

За време на настанот беа соопштени и информации за повредените во силното невреме што го зафати Скопје.

Во Клиниката „Св. Наум Охридски“ лекарска помош побарале вкупно 22 пациенти, од кои двајца биле задржани на болничко лекување. Еден од нив бил опериран во текот на ноќта поради скршеница на шаката.

Вториот хоспитализиран пациент е странски државјанин, турист кој бил повреден при пад на дрво. Тој се здобил со повреди во пределот на карлицата, но неговата состојба не барала оперативен третман.

Министерот за здравство информираше дека во ТОАРИЛУЦ биле згрижени уште 11 повредени лица, од кои тројца се здобиле со посериозни скршеници.

Невремето предизвикало и материјални штети во повеќе здравствени установи. Паднати дрвја биле регистрирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во Психијатриската болница во Бардовци, но немало повредени.

Во болницата во Бардовци имало и повеќечасовен прекин на електричната енергија, додека значителни оштетувања на кровните конструкции биле пријавени во Клиничката болница во Штип и во ГОБ „8 Септември“.

Facebook / @VladaMK

Епидемијата во Гостивар се смирува

Министерот за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба во Гостивар е во натамошен смирувачки тренд.

Според неговите податоци, бројот на пациенти кои првпат побарале лекарска помош се намалил од околу 290 на приближно 190 во текот на еден ден. На врвот на епидемијата, во саботата, биле регистрирани околу 600 пациенти.

Стручни тимови од Јавното комунално претпријатие во Гостивар и од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје работат на план за повторно ставање на гостиварскиот водовод во употреба.

Планот треба да вклучи постојани проверки на квалитетот на водата на повеќе излезни точки, меѓу кои болницата, градинките, верските објекти, јавните чешми и други јавни локации.

– Водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна – порача министерот, повикувајќи ги граѓаните да ги следат официјалните информации и препораки.

Министерството за здравство побарало од Центарот за јавно здравје да ги достави сите мостри земени во текот на годината, заедно со точните датуми и локации од кои биле земени.

Барањето следува откако новинарите го отворија прашањето како претходните анализи покажувале дека водата е исправна за пиење, доколку пумпите биле поставени во потенцијално загадена средина.

До крајот на летото договор за локацијата на новиот Клинички центар

Премиерот најави дека Владата продолжува со инвестициите во здравството и дека во следниот период се очекуваат уште неколку поголеми проекти.

Тој посочи дека годишниот буџет за здравството веќе надминува една милијарда евра и дека реконструкцијата на Одделот за трауматологија е дел од поширокиот инвестициски циклус.

Во однос на најавениот нов клинички центар, премиерот соопшти дека се водат разговори со сопственикот на земјиштето, но дека Владата разгледува и втора локација во близина на првично избраната парцела.

Според неговата најава, до крајот на летото треба да биде заокружена постапката околу локацијата, по што би следувала подготовка на планот за изградба на новата здравствена установа.