Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска обелодени документ добиен од свиркачи според кој во водата во Специјализираната болница за белодробни заболувања и туберколоза во Лешок пронајдени се 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода.

Извештајот од Центарот за јавно здравје од Тетово, кој го потврдува ова, според Филипче, е од 13 мај и во него е наведено дека квалитетот на водата не соодветствува со оној што е потребен за пиење.

–  Датум на завршување на испитувањето 13 мај. Земена вода, вкупен број колиформни бактерии во 100 милилитри вода – 51. Примерок од чешма, од болницата во Лешок, каде што се лекувале луѓе на крајот на мај, а никој не реагирал. Се работи за официјални документи од Центарот за јавно здравје од Тетово – рече Филипче.

Побара итно да се спроведе вонреден надзор на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават сите резултати.

– Какво е ова менаџирање на институција? Која е целта, да се загрози здравјето на сите луѓе во државата. Затоа бараме итен вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават резултатите од физичките анализи, матност, мирис итн., од хемиските анализи, нитрати, нитрити и амонијак, микробиолошки анализи и хлорирање – рече Филипче.

Претседателот на СДСМ на прес-конференцијата оцени дека здравството е во колапс посочувајќи дека голем број од операционите сали не функционираат, несоодветен кадар управува со највисоките здравствени институции, а не се зголемени ниту платите на здравствените работници.

Она што се случило во Гостивар, според Филипче, не е изолиран случај, туку станува збор за системски слабости и неефикасност.

Побара оставка од првите луѓе на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и од Обвинителството.

Фото: Принтскрин